Заев – Тигањ: Државата се развива според европските вредности, поддршка од Хрватска

од Берта Китинска

Честитки за формирањето на новата Влада во законските рокови и во духот на политиките на зрелост за државните и граѓанските интереси, беа изразени на денешниот состанок на премиерот Зоран Заев со хрватската амбасадорка во земјава Нивес Тигањ.

Од владината прес-служба соопштија дека на средбата било оценето оти државата се развива според европските вредности и Хрватска продолжува активно да ја поддржува нашата држава во процесот на европските интеграции, во очекување на почетокот на преговорите со ЕУ.

Премиерот Заев се заблагодарил за пријателската поддршка од Хрватска во демократските и евроатлантските процеси на земјава и упатил покана до хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ за посета на нашата држава.

– Сите соседи ни се пријатели, немаме повеќе отворени прашања со ниеден од соседите, исто така и во нашата држава успешно градиме „Едно општество” за сите граѓани, така што во претстојниот период главен фокус ќе ни биде европеизација на државата, со цел развој на економијата и животниот стандард и обезбедување правна држава. Искуствата од Република Хрватска се драгоцени и соработката помеѓу нашите земји ќе продолжи како на евроатлантски план, така и низ унапредување на билатералната соработка, рече Заев.
На состанокот, додаваат од владината прес-служба, е заеднички констатирано дека за напредокот на државата, посебно на отворениот европски пат, е потребно одговорно однесување од сите, со што единствено се придонесува во перспективите на граѓаните и државата.

Слични содржини