Загриженост кај Грците што ја посетуваат С. Македонија, а не се тестираат за коронавирус

од Nikola Popovski

Откако Северна Македонија ги отвори границите, стотици грчки државјани, особено од северниот дел на Грција и преку граничниот премин Ники (Меџитлија), секојдневно ја посетуваа нашата земја за кафе, шопинг, прошетка и слично, но без притоа на враќање да им бидат извршени какви било тестови, нешто што, според државната телевизија „ЕРТ“, предизвикува загриженост и кај локалното население и кај локалните власти, јави дописничката на МИА од Атина.

Граничните премини се затворени за македонски и албански државјани, но Грците слободно влегуваат и во двете соседни држави.

Со оглед на тоа дека тестирањата за Ковид-19, Грција ги спроведува само на странски посетители и туристи на граничниот премин Промахонас (Кулата), а не и на грчки државјани и оние со постојан престој во земјата, кои влегуваат од другите премини, ЕРТ коментира дека секојдневно, „околу 300-400 возила поминуваат во соседната земја“ и постои опасност од „увезени случаи на коронавирусот“.

Локалното население и организации бараат да се затвори граничниот премин, бидејќи жителите од овои региони не се прилагодуваат на повикот и апелот да ги ограничат нивните патувања во соседната земја, коментира новинарката од „ЕРТ“.

Откако градоначалникот на Лерин (Флорина), како што во средата објави МИА , им препорача на неговите сограѓани да ги ограничат патувањата во Северна Македонија, од Сојузот на полициски службеници од истиот град, испратија писмо до министерствата за цивилна заштита и здравство, со Секретаријатот за цивилна заштита и до грчката федерација на полициски службеници, во кое ја изразуваат нивната загриженост за ситуацијата и слободниот проток на грчки државјани од и кон Северна Македонија и Албанија.

Во писмото велат дека e забранет влез на државјани на Северна Македонија „поради големиот број случаи и опасност од ширење во Грција, но без ограничувања дозволен е излез и влез на грчки државјани“.

-Па така, секојдневно, илјадници грчки граѓани од Флорина и поширокиот регион на западна и централна Македонија, одат во градовите во Северна Македонија што се во близина, на шопинг, за забава, на забар итн и се враќаат во нашата земја без никаква здравствена контрола од единици на Националната организација за јавно здравје, продолжувајќи нормално со нивното секојдневие во локалното општество каде што живеат и работат, со што и да резултира ова, пишуваат од Сојузот на полициски службеници од Лерин во писмото и бараат заштита на полицајците кои работат на граничните премини со Северна Македонија и Албанија. 

Слични содржини