Започнува пријавувањето за ваучери од 200 евра, државата директно го помага туризмот

од Nikola Popovski

Со ваучери во износ од двесте евра Владата годинава ќе го помога домашниот туристички сектор. Наскоро се очекува Министерството за економија да го објави огласот за сите лица со ниски примања кои сакаат да добијат ваучер, а во меѓувреме финализира пријавувањето на хотелите и останатите сместувачки капацитети, каде заинтересираните ќе можат да го поминат својот годишен одмор.

Право на учество на јавниот повик, кој истече на 31 мај, имаа сите категоризирани угостителски објекти за сместување кои се лиценцирани и се во туристичките центри во земјава, како и туристичките агенции со „А“-лиценца, а од Владата најавија дека по завршувањето на огласот за хотелите ќе започне и пријавувањето на граѓаните.

За разлика од минатогодишниот износ од сто евра, овојпат властите одлучија двојно да ја зголемат вредноста на ваучерот, целејќи кон што поголема посетеност во домашните туристички центри, особено по намалениот обем на работа во угостителската дејност, предизвикан од корона пандемијата. Лани, нешто над 60 илјади Македонци решија да ги искористат овие средства, а на сметките на хотелиерите се слеаја околу пет милиони евра. Најпретпочитана дестинација беа Охрид и Струга, следуваат Дојран и Преспа, а околу 25 проценти од ваучерите завршија во хотелите во зимските туристички центри, како Маврово, Попова Шапка, Берово и Пелистер.

Претходно, министерот за економија Крешник Бектеши информира дека државата ќе продолжи и оваа година да им доделува ваучери за одмор на работниците со ниски приходи, а ќе се одлучува по принципот „прв дојден – прв услужен“.

-Продолжуваме со мерката организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања по семејство не го надминуваат нето износот од 30.000 денари. Ефектите од ваучерите лани, за време на пандемијата, дадоа резултат, посебно за домашните туристички капацитети, изјави Бектеши.

Мерката за поддршка на домашниот туризам преку ваучери беше поздравена и од Стопанската комора за туризам, но со напомена дека не треба да бидат изоставени туристичките агенции.

Од друга страна, пак, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски истакна дека сите предлози ќе бидат земени предвид, а мерките се носат и со консултација со засегнатите здруженија и асоцијации.

-Кампањата „Дома си е дома“ се покажа како многу успешна. Хаштагот „Дома си е дома“ бележи преку 3.500 објави, 10-те промотивни видеа се прегледани 32000 пати, а посетеноста на страницата „Норт Маседониа тајмлес“ е зголемена за 22,5 проценти, вели Јаневски.

Минатата година туризмот регистрира пад од околу 60 проценти, но пред се поради нереализираните ноќевања од странски туристи. Според податоците на Државниот завод за статистика бројот на домашните туристи во септември 2020 година, во однос на септември 2019 година, е зголемен за 33.7 %, додека бројот на странските туристи е намален за 92.3 %.

Инаку, ваучер во износ од 12 илјади денари за користење на одмор им следува на сите лица со ниски приходи кои ќе аплицираат на јавниот повик, чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари, а вкупниот буџет за реализација на проектот е 15 милиони денари. Од ресорното министерство додаваат дека ваучерите се дел од редовната активност согласно програмата за поддршка на домашниот туризам за работници со ниски приходи.

Слични содржини