Заврши крвавата битка, Азовстал во рацете на Русија

од Stefanija Kuzmanovska

Украинската армија во вторникот објави дека работи на евакуација на преостанатите војници од нивното последно упориште во опколеното пристаниште Мариупол, препуштајќи ја контролата над тој град на Русија.

Евакуацијата веројатно го означи крајот на најдолгата и најкрвавата битка во војната и значителен пораз за Украина. Мариупол е во урнатини по руската опсада во која загинаа десетици илјади луѓе, тврди Украина.

Стотици украински војници и цивили со недели се кријат под градската фабрика за челик Азовстал. Повеќе од 260 војници, некои од нив тешко ранети, ја напуштија фабриката во понеделникот.

„Гарнизонот Мариупол ја исполни својата борбена мисија“, се вели во соопштението на украинските вооружени сили во соопштението со кое се најавува евакуација.

„Врховната воена команда им нареди на командантите на единиците стационирани во Азовстал да спасат човечки животи. Бранителите на Мариупол се хероите на нашето време“, се додава.

Украинската заменик-министерка за одбрана Ана Малиар изјави дека 53 тешко повредени борци биле пренесени во болницата во Новоазовск под руска контрола, а уште 211 борци биле евакуирани преку хуманитарен коридор во Оленивка, област под контрола на проруските бунтовници.

Ќе следи потенцијална размена на сите евакуирани украински борци и руски затвореници, додаде таа.

Во тек се напори за евакуација на преостанатите борци во фабриката за челик Азовстал, соопшти украинската војска. Нивниот точен број не е познат, но се верува дека таму ги има уште околу 600.

Десетина автобуси со украински војници од Азовстал ја напуштија фабриката во понеделникот, објави „Ројтерс“.

Пет автобуси со војници од фабриката за челик Азовстал пристигнаа во градот Новоазовск кој е под руска контрола доцна во понеделникот, изјави сведок на „Ројтерс“.

Слични содржини