Завршија разговорите во Сочи: Што му вети Путин на Ердоган?

од Stefanija Kuzmanovska

Руско-турските разговори во Сочи меѓу претседателите Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган завршија по час и половина, пишува РИА Новости.

Лидерите на двете земји ќе продолжат да комуницираат во формат на работен ручек, а потоа се очекува и заедничка прес-конференција.

Според Си-Ен-Ен, Путин му рекол на Ердоган дека Русија е подготвена да разговара за заживување на Црноморската иницијатива за жито.

„Имаме многу да разговараме, вклучително и обезбедување безбедност во регионот“, му рекол Путин на Ердоган.

 

„Нема да го игнорираме прашањето за украинската криза. Знам дека имате намера да поставите прашања за договорот за жито, ние сме отворени за преговори за ова прашање“, рече Путин.

Во меѓувреме, Ердоган му кажал на Путин дека разговорите за коридорот за жито ќе бидат „многу важни“.

„Денес сите го следат прашањето за коридорот за жито“, рече Ердоган. „Верувам дека пораката на прес-конференцијата ќе биде многу важен чекор, особено за неразвиените земји во Африка“.

Во јули, Русија дозволи да пропадне Црноморскиот договор за жито, постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција. Договорот гарантираше безбеден премин на украинското жито од нејзините пристаништа на Црното Море.

Откако се повлече од договорот, Русија ја продолжи својата блокада на пристаништата на Украина и ги изложи на тешки бомбардирања, таргетирајќи ги магацините и инфраструктурата и предизвикувајќи стравувања за глобалната безбедност на храната.

Путин, исто така, во понеделникот истакна дека трговскиот промет меѓу Русија и Турција минатата година се зголемил за 86 отсто, а „позитивниот тренд продолжува и во првата половина од оваа година“.

Рускиот лидер на почетокот на средбата изјави дека шефовите на држави ќе разговараат за прашања поврзани со украинската криза.

Слични содржини