Зеленски: Бидете подготвени за руски напади во неколкуте преостанати денови од 2022 година

од Stefanija Kuzmanovska

Украинскиот претседател Владимир Зеленски јавно ги предупреди граѓаните на неговата земја за продолжување на руските напади во неколкуте преостанати денови од 2022 година.

„Мораме да бидеме свесни дека нашиот непријател ќе се обиде да ни го направи овој пат мрачен и тежок. Русија изгуби се што можеше да загуби оваа година, но по ракетните напади врз нашата земја, се обидува да ги надомести загубите со лукавоста на своите пропагандисти“, рече Зеленски.

Нема изненадувања

Тој изјави дека мора да бидат подготвени на секое сценарио и упати остри зборови до руската армија, која во саботата со артилериски напади во Херсон на југот на земјата уби најмалку 16 лица, а рани уште 64 лица.

„Ќе го најдеме секој убиец“, рече тој.

Киев смета дека на политичкото и военото раководство на Русија треба да му се суди за војната пред меѓународен суд по моделот на судењата на нацистите во Нирнберг по Втората светска војна.

„Русија не сака преговори и се обидува да ја избегне одговорноста за војната“, напиша Михаило Подољак, советник на украинскиот претседател.

Слични содржини