Зеленски: Очигледно е дека Русите си играат со животите на заробените Украинци

од Stefanija Kuzmanovska

Русија ја обвини Украина дека во средата соборила руски воен транспортен авион над пограничниот регион Белгород, при што загина екипажот и 65 украински затвореници.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика да се отвори меѓународна истрага.

„Очигледно е дека Русите си играат со животите на заробените Украинци, со чувствата на нивните најблиски и со емоциите на нашето општество“, рече тој, но не потврди дека затворениците биле во авионот.

„Мораме јасно и колку што е можно попрецизно да ги утврдиме сите факти, имајќи предвид дека авионот е соборен на руска територија, што е надвор од наша контрола“, истакна Зеленски.

Во четврток во 17 часот на барање на Москва ќе се одржи итен состанок на Советот за безбедност, соопшти во средата Претседателството на Советот.

Украинската воена разузнавачка служба потврди дека „нема веродостојни информации“ за патниците на соборениот „Ил-76“, истовремено потврдувајќи дека размената на затвореници била „планирана“, но на крајот не била одобрена.

Претходно руското министерство за одбрана ја осуди Украина за „соборувањето“ на рускиот воен авион во кој се превезуваа „украински војници за размена“.

Според Москва, украинската армија „знаела“ дека Русите ќе ги превезат затворениците во Белгород, а потоа до местото на средба на границата.

Украинските разузнавачи, напротив, уверуваа дека Киев „не бил информиран“ за потребата да се обезбеди воздушен простор во таа област.

Украина не го знаеше „бројот на возилата, рутата и начинот на транспортирање на затворениците“, велат од службата, обвинувајќи ја Москва дека намерно „ги довела во опасност“ во овој случај.

Слични содржини