Зеленски пристигна во прва официјална посета на Грција

од Radmila Tasevska

Претседателот на Украина Володимир Зеленски попладнево пристигна во Атина во официјална посета на Грција и планирано е да се сретне со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, но и да присуствува на неформалната вечера во премиерската палата заедно со лидерите од регионот, јави дописничката на МИА од Атина.

Ова е прва официјална посета на Зеленски на Грција по руската инвазија на Украина, а пристигнувањето во Атина и програмата се држеа во строга тајност и официјално беа соопштени половина час пред средбата со Мицотакис.

Од кабинетот на грчкиот премиер соопштија дека Мицотакис и Зеленски ќе имаат тет а тет средба, потоа и состанок на двете делегации, по што ќе следи прес конференција.

По средбата со Мицотакис, Зеленски ќе се сретне со Сакеларопулу, а во 20.15 часот по локално време ќе присуствува на неформалната вечера за лидерите од регионот, посветена на ЕУ перспективата на Западен Балкан на која ќе учествува и премиерот Ковачевски.

Слични содржини