Зголемен бројот на жртви по нападот во училиштето во Русија

од Stefanija Kuzmanovska

Бројот на жртвите на нападот во училиштето во рускиот град Ижевск на Урал се зголеми на 17, соопшти управата на тоа училиште, пренесува „Раша тудеј“.

Шест возрасни и 11 деца загинаа, додека 24 лица се ранети, главно деца, се вели во соопштението објавено од училиштето во понеделникот вечерта.

Напаѓачот Артјом Казанцев (34) отвори оган во понеделникот во училиштето број 88 во Ижевск, а потоа се самоуби. Тој е поранешен ученик на ова училиште во кое учат околу илјада ученици. Напаѓачот се самоубил на лице место кога се соочил со припадници на безбедносните сили.

Рускиот министер за образование, Сергеј Кравцов, изјави дека Казанцев е регистриран ментален пациент со дијагноза на шизофренија.

Руската истражна комисија покрена кривична истрага за пукањето во обид да ги утврди точните мотиви зад нападот, како и изворот на оружјето што го користел напаѓачот.

Република Удмуртија, каде што се случи нападот, прогласи четиридневна жалост.

Слични содржини