ЗНМ: Пријава против лицето Миленко Неделковски за неговиот однос кон новинарите на Метаморфозис

од Stefanija Kuzmanovska

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осуди „грозното етикетирање, навреди и ширењето на говор на омраза“ од страна на лицето Миленко Неделковски кон колегите новинари од фондацијата Метаморфозис.

„Неделковски во својата видео објава на платформата на Youtube насловена како ‘Факт чекирања на фак чекерите’ продолжува со негативната практика на етикетирање и ширење на говор на омраза. Тој освен недолични коментари и навреди, во оваа објава споделува и фотографии од колегите новинари и се користи со зборовите ‘сатрапи, гноеви, гнидите, чировите кои крварат во земјава, дека биле поставени таму за да не се дознаела вистината…’. Ваквите агресивни наративи ги доведуваат во ризик вработените во Метаморфозис за што се аргумент и недоличните коментари на објавата кои се толерирани од страна на авторот.

ЗНМ за овој случај ќе поднесе пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР со барање да се преземат итни мерки против ширење на говор на омраза и нетрпеливост кон групата на новинари.

Укажуваме дека ваквиот начин на јавна комуникација од страна на лицето Неделковски не е нов и дека со ваквата пракса, доколку остане неказнета, може да поттикне нетолеранција и дискриминација. Оваа објава на Неделковски е дел од очигледно организираниот напад на Метаморфозис која веќе трае извесен период на социјалните мрежи каде се таргетирани сегашните и поранешните вработени. На овој начин се изложуваат на ризик и закани по личната безбедност на вработените во оваа организација, а тоа може да доведе и до други кривични дела од омраза како и насилство кон новинарите и медиумските работници.

Потсетуваме дека Основниот кривичен суд веќе има позитивна судска пракса со условни казни затвор кон сторители кои претходно имаат објавувано заканувачки пораки и ширење на говор на омраза на социјалната мрежа Facebook, а по претходни пријави од страна на ЗНМ“, наведуваат од Здружението на новинарите на Македонија.

Слични содржини