Зошто гласачите на двете најголеми македонски партии се против внесување на Бугарите во Уставот?

од Nikola Popovski

80 отсто од Македонците во земјава го отфрлаат вклучувањето на Бугарите во Уставот, иако тоа е клучен чекор за проодлжување на нашиот европски пат, покажуваат резултатите од студијата на институтот „Социетас Цивилис“ заедно со Фондацијата „Конрад Аденауер“. На прашањето „Дали Македонија треба да ги прифати другите заедници, вклучително и бугарската, кон својот Устав на патот кон ЕУ?“ 65 отсто од граѓаните на земјава одговариле со „не“. Податоците од аспект на политичката припадност ги рангираат само гласачите на ДУИ со позитивен одговор на прашањето. 75 отсто од гласачите на ДУИ одговориле со „да“ на прашањето за внесување на нови заедници во Уставот. Со одговор „Не“ доминираат симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица со 89 отсто и 92 отсто, потоа гласачите на СДСМ со 59 отсто и Алијансата за Албанците со 54 отсто.

Дел од експертската јавност не гледа со зачуденост на ваквите резултати зошто гласачите на најголемите македонските партии се против отворање на Уставот. Сепак сметаат дека граѓаните имаат проблем со начинот на кој пристапуваме кон ЕУ, а не со отворање на Преамбулата како содржина со внесување на три етнички заедници. Тоа го вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски во разговор за „Локално“. Според него, промените не се спорни за кого било.

Петар Арсовски

-Во основа проблемот е начинот кој доаѓа од францускиот предлог и тоа е причината за фрустрацијата кај електоратот и тоа го искажуваат преку противење за уставните измени. Не гледам како ќе се промени во догледно време, а освен ако не се случат уставните промени, па да ги почувствуваме посериозните бенефити од преговорите. Вака сме заглавени во една незгодна ситуација – уставните измени не спречуваат за да ги пожнееме бенефитите од договорот, а ние не сакаме да ги донесеме уставните измени затоа што не ни се допаѓа договорот во моментот. Во моментов не гледам излез, порачува Арсовски.

За резултатите од политичката наклонетост на испитаниците и нивниот став, соговорникот вели дека ние немаме точен податок колку од луѓето се за да продолжат преговорите со ЕУ.

-Многу се малку луѓето кои сакаат уставни измени бидејќи најголем дел од граѓаните ја доживуваат Бугарија како најголем непријател на Македонија. Ако тоа се донесе во контекст со продолжување на преговорите, мислам дека бројките би биле различни, оценува аналитичарот.

Дециден е дека релативно се тврди партиските јадра кои се останати.

-Сегашните јадри ќе ги прифатат одлуките на партиите какви и да бидат. Не верувам дека голем дел од гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одлее од партијата ако ги изгласаат уставните измени. Вистинско прашање е дали планираме да ги прекинеме преговорите и да преговараме нова преговарачка рамка со ЕУ? За тоа во моментот немам проценка, но сметам дека партиите нема да изгубат голем дел од поддршка дури и ако ги изгласаат уставните измени бидејќи веднаш после тоа би имале придобивки, истакнува Арсовски.

За две-третини од граѓаните што не се согласуваат со вметнување на Бугарите во Уставот, аналитичарот Ненад Јовановиќ го поставува прашањето „кои граѓани?“.

-Оние кои припаѓаат на „чистиот“ етнички табор на Мицкоски, тие ли ги сметате за граѓани? Приметувам една конфузија, замена на тези, погрешни „статистички“ жонглирања со бројки во кое се мешаат разни компетенции: граѓани, народи, етницитети… Имено, вестите и како се информира за животот на граѓаните во оваа земја, вклучително и односот кон Бугарите, претставува круцијален одговор за тоа во каква држава ќе живееме. Државата, намерно не велам нацијата, бидејќи ако „нацијата ја темелиш само на нација“, тоа уште би претставувал оној Минхаузенов обид човек заглавен во мочуриште, да го извлечеш на суво со помош на влакно од неговата коса. Друго, во демократија не можете се да ставите на едно купче: и граѓани и народ и етнии… Некој малку пописмен, ако евентуално не прочита, и ако види дека се’ трпаме во едно, слатко ќе ни се насмевне, посочува Јовановиќ.

Ненад Јовановиќ

Аналитичарот смета дека јавното мислење, па дури и кога се работи за интересни групи, партии, етнии, поединци, колективитети, најчесто е апмлитудно.

-Што значи дека не е категорички „против“ или категорички „за“. И тоа подложи на промени, во зависност од тајмингот, контекстот итн. Лично не верувам дека толкав број има во СДСМ кои не се за Уставни измени, односно да се противат на внесување на Бугарите во Уставот. Од друга страна, наша обврска е Бугарите да влезат во Уставот; а таа обврска е крајно човечка и европска, и влегува во категоријата која популарно е наречена „владеење на правото“. Тоа е наша обврска и пред Европа. Ние пред цела Европа ветивме (и се потпишавме) дека ќе ги прифатиме Бугарите како рамноправен дел од сите конститутивни народи во оваа држава. Познавајќи ја СДСМ во своето јадро, познавајќи ги тие луѓе кои се дел од оваа партија, ве уверувам дека огромно мнозинство ќе ги прифати Бугарите. СДСМ досега јасно ни покажа дека е инклузивна, пропулзивна и Европска партија. Самиот лидер и премиер Ковачевски, инсистира на мултикултуралност и мултиконфенсионалност не само во партијата, туку и во државата. Оттука, во овој податок кој на почеток го изнесувате не верувам. Праксата и делувањето на СДСМ ја негира оваа бројка, појаснува Јовановиќ.

На прашањето дали гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ би се одлеело доколку партијата гласа за уставни измени, соговорникот вели дека „Христијан Мицкоски на странските амбасади во земјата, им ветувал дека ќе ги вметне Бугарите во Уставот, ама прво да го направеле премиер“.

-Односно, западните амбасади во земјава на Мицкоски да му помогнеле да дојде на власт. Гледате и сами, се работи за тотално неодговорен човек кој своите ставови и погледи ги менува во зависност од тоа како нему лично му одговара и неговата позиција во ВМРО-ДПМНЕ. Таа позиција на Мицкоски, гледаме, му носи лагоден живот, ама не носи ништо добро за граѓаните на Македонија. Мене лично многу ми е поважно што ќе направи Ковачевски и СДСМ, отколку што може да направи Мицкоски. Мицкоски видовме што може да прави. И тука може слободно да кажам дека е безначаен во политиката. Ковачевски, мене ме интересира што Ковачевски ќе направи за Европката перспектива, а не и само за неа. Ковачевски ме интересира што ќе и’ донесе добро на земјата и своите граѓани. Досега, гледам, работи добро. И тоа во ваков домашен и регионален контекст е најважно, укажува аналитичарот.

Новинарот и коментатор на состојбите, Зоран Иванов се согласува дека довербата во Европската унија стрмоглаво падна и дека евроскептицизмот е на најдолно можно ниво, посебно кај Македонците. Тој во разговор за „Локално“ вели дека за ова вина има на сите страни, а тоа граѓаните го регистрираат.

Зоран Иванов

-Пред се, во самата Унија која во последниве години не си се снаоѓа со сопствените проблеми, потоа што некои од своите членки како Унгарија, Полска и посебно Бугарија не умее да ги врами во своите принципи и вредности. Натаму ова со Бугарија иако е старо два века, еве тогаш од 1948 година па наваму ескалира од време навреме но сега, нели, таа е ЕУ членка, а ЕУ освен што успеа да не` вметне во ЕУ рамка, за нејзините хирови речиси и не ја прекори својата и најнедемократска и најкорумпирана и најсиромашна членка. Дури и за пресудите во Хаг е премлака и прекокетлива со што самиот Брисел си го урнисува и својот авторитет, порачува Иванов.

Тој истакнува дека имаме моќна политичка партија која само поради тоа што моментално е во опозиција сега е единствениот фактор кој ја попречува интегративната динамика на земјава.

-И не само таа. Туку се и дузина нереализирани, фрустрирани, по разни линии онеправдани па и антизападни интелектуалци а кои имаат влијание во јавноста но кои, неразбирливо, но не можат да сфатат дека тоа што Македонците ќе бидеме надвор од ЕУ интеграциите, е во „идентитетска“ корист токму на Бугарија и дека бугарската политичка елита е во паника што конечно македонскиот идентитет со почеток на ЕУ преговорите на голема врата влегува во ЕУ рамката, објаснува Иванов.

Според него, ваквите бројки како поддршка за уставните измени е „поради тоа што сме повредени и навредени од бугарските негаторски однесувања“.

-Ете, сето тоа во последниве години создаде и создава антиевропски амбиент и влијае врз негативното расположението спрема ЕУ. Но, но, нам ни треба ЕУ. Макар како пат по кој треба да тргнеме, да се движиме па до каде ќе стасаме дотаму. Се ќе е ќар. И бриселската бирократска помош, и помошта во нужни и дефинирани и контролирани реформи и во разните финансиски поддршки во многу општествени и економски сектори, ни рече новинарот.

Н.П.

Слични содржини