Зошто во Македонија има почва за руско влијание преку Црквата: „Во кругот на МПЦ јакне групација која смета дека е доволен Томосот од Белград, признаен и од Москва“

од Nikola Popovski

И во Македонија и во Бугарија има свештеници кои се под руско влијание. Ова се виде после неодамнешното протерување на шефот на руското црковно подворје во Софија, Васијан Змеев , кој изминатава година имал интензивни посети на земјава и зачестени средби со високи претставници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Тој ја имал улогата на координатор на руските црковни политики на Балканот, со оосбено влијание во Бугарија и во Македонија. Според неофицијални информации, негова заслуга бил застојот во односите со Вселенската патријаршија за целосно признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.

Како земјата да се заштити од ваквото влијание на руската држава?

Според верскиот аналитичар и новинар, Бранко Ѓорѓевски, административните мерки секако се еден вид заштита, но смета тие секогаш се повеќе симболичка порака отколку што можат нешто да запрат, да пресечат како влијание. Во разговор за „Локално“, вели дека во време на денешни технологии за комуникација вие не можете практично ништо да запрете како влијание.

-Суштината на проблемот е во тоа зошто во Македонија имало почва за такво руско влијание? Ќе потсетам само, одлуката да му се забрани влезот на рускиот архимандрит беше донесена откако МПЦ-ОА почна да носи одлуки во прилог на руските и српските црковни интереси во нивната конфронтација со Вселенската патриајршија, од која, пак, ние очекуваме вистински Томос за автокефалност. Нашиот Синод донесе одлука да не сослушува со Православната црква во Украина која ја призна Вселенската патријаршија, овозможи во „Свети Пантелејмон“ да се држи молебен за руските војници… Сето тоа се индикативни потези кои одеа во прилог на руските интереси и влијанија со цел да се детронизира Вселенската патријаршија. Прашањето е значи, зошто МПЦ така постапува? Очигледно се работи за влијанија од Москва, но прашањето истовремено е зошто нашите црковни достоинственици ги прифаќаат тие влијанија?, прашува Ѓорѓевски.

Истакнува дека одговорот тука води кон она што сега станува дилема во МПЦ – дали добиениот Томос од СПЦ е доволен како акт за наша автокефалност (со уставно име на наша Црква)и има ли потреба од Томосот од Вселенската патријаршија (која ќе не признае како Охридска архиепископија)?

-Случувањата покажуваат дека во кругот на МПЦ јакне групација која смета дека е доволен Томосот од Белград, признаен и од Москва оти на тој начин ќе сме го зачувале уставното име на црквата. За таа цел нашите владици овозможија да се потпишуваат и петициите… Ете ја портата на која влегува руското влијание кое само симболично се манифестираше преку средбите во Скопје, а всушност има пошироки размери и видови на комуникација. Кога нашите достоинстевници ја отворија портата за влијание, тоа ќе си влегува и заштититата од него може да биде само со разубедувањето на тие владици дека Томосот од Белград не е вистински Томос и дека за целосна и признаена автокефалност е најважен Томосот од Вселенската патријаршија. Значи, од административните мерки за заштита од влијанија поважно е расчистување на дилемите и еден јасен курс во Црквата. Мислам дека сега во нашата Црква тој курс е изместен под влијание на она што ни е дадено како Томос од Белград, а што намерно беше напишано како наша „автокефалност“. Вие не смеете да имате плодна почва за туѓи влијанија. Во спротивно, влијанијата ќе дојдат и ќе се прифааќаат, сеедно дали преку лични средби или преку комуникација преку современа технологија, посочува Ѓорѓевски.

Бранко Ѓорѓевски

За соговорникот целта на она што ни е дадено како Томос од Белград беше и да се зголемат поделбите, прво во редовите на МПЦ, а потоа и меѓу граѓаните.

-Гледате, сега линијата на поделбите е дали сте за Томос кој ни дава уставно име, или сте за Томос со кој ќе бидеме Охридска архиепископија без каква и да е придавка „македонска“. Во редовите на Синодот на МПЦ веќе има групација која е за првата варијанта. Ако таа групација стане доминантна, а извесно се чини дека таа расне, тогаш ќе дојдеме во ситуација нашата црква да е нецелосно признаена и ќе остане во недефиниран статус. Првата цел на оние кои сакаа поделби, се чини, за жал, е остварена. Сега е опасност тие поделби да не се пренесат во поширока форма и меѓу верниците, меѓу обичните граѓани. А тоа ќе значи оттргнување на МПЦ од западниот курс кој го претставува Вселенската патријаршија, а што е основна цел на црковна и државна Москва. Од таа причина, мислам дека не смееме да дозволиме тоа да ни се случи. Пораката којашто државните власти ја пратија со забраната за влез на рускиот архимандрит беше токму насочена и кон нашите црковни достоинственици. Да сфатат дека својот крст треба да го држат насочен кон Вселенската патријаршија. Ќе видиме дали тие тоа го разбрале. Од друга страна, важно е и како Вселенската патријаршија ќе се постави кон нас, кон МПЦ во однос на нејзините барања и услови коишто ќе сака да ни ги наведе во Томосот за автокефалност. Тие во никој случај не смеат да бидат неприфатливи за нас, оти со тоа само дополнитлено ќе не туркаат кон уште поголемо руско влијание, истакнува тој.

Вели дека секогаш е дискутабилно прашање каде завршуваат верските и граѓанските слободи.

-Ги гледаме последиците од нечие граѓанско „право“ да го запали Куранот. Некои црвени линии мора да се повлечат. Не може вие во име на верските слободи длабоко да ги повредувате чувствата на припадниците на друга вера, други народи. Јас сум поборник на тоа дека не може се да биде дозволено кога е во прашање повреудвање на правата и на чувствата на другите граѓани. Моја слобода завршува таму каде што почнувам да ги навредувам другите, дециден е Ѓорѓевски.

Надоврзувајќи се, смета дека црвена линија треба да има и за рускиот патријарх и за негови верски слободи по сите оние благослови за војната и убивањата во Украина.

-Мене не ме изненади одлуката на Унгарија да ја блокира одлуката на ЕУ во однос на замрзнувањето на имотот на рускиот патријарх. Тоа е одлука која се води со интересите на актуелното унгарско раководство и кое не сака нарушување на односите со Русија од свои причини и калкулации. Тоа што блокадата се аргументира со „верските слободи“ е само изговор кој, нели, секогаш резултира со оние што се согласуваат и со оние кои не се согласуваат. Слично како со „правото“ да се запали некоја света верска книга, тврди Ѓорѓевски.

Аналитичарот уверува дека санкциите, забраните за влез се повеќе наменети за јавност, пораки за ставови на владите отколку што реално нешто може да помогнат.

-Но, владите мора да се раководат и со заштита на свои интереси. Во таква ситуација, слично како што забраните им се изрекнуваат на световните лица, не гледам проблем да бидат изречени и на оние верски лица за кои постојат оправдани причини. Јасно, треба да се води сметка кој се може да потпадне под таа мерка. Сепак, не може верска слобода да ви биде алиби за се и сешто, заклучува Ѓорѓевски.

Н.П.

Слични содржини