Сè поизвесно е дека извештајот за напредокот на Македонија и на останатите земји од Балканот и Турција нема да биде објавен неделава, потврдуваат за БИРН извори од Европската комисија.

Johannes_Hahn

Прекинот на преговорите поврзани со Договорот од Пржино, бегалската криза, како и изборите во Турција се главните причини поради кои сè уште се чека на објавувањето на извештаите и евентуалната препорака за почеток на преговори со Македонија.

Маја Кочијанчич, портпарол на еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, за БИРН изјави дека јавноста ќе биде навремено информирана кога ќе се знае датумот на објавувањето на извештајот.

Она што засега е извесно е дека меѓународната заедница е загрижена во однос на (не)спроведувањето на договорот од Пржино.

Според дипломатски извори, во оптек се сите три опции – седма по ред препорака за Македонија, условена препорака и одземање на препораката за почеток на преговорите.

Сепак, третата опција е најмалку веројатна, бидејќи тоа би било преседан во историјата на проширувањето на ЕУ, а не постојат ниту протоколи како да се постапува во таквите случаи.

Дополнително на ова, Македонија ѝ е потребна на Унијата за бегалската криза и справувањето со приливот на бегалци и мигранти, па оттаму ризикот што би го понела Унијата доколку се одземе препораката би бил преголем.

Затоа, како што се шпекулира во дипломатските кругови, најизвесно е дека Македонија ќе добие „условена препорака“.

Слични содржини