ААВМУ поведе прекршочни постапки против ТВ Нова, ТВ Алсат-М и ТВ 24 Вести

од desk2

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) врз основа на извештаите од извршениот мониторинг над изборното медиумско известување, а во согласност со Изборниот закон, поведе прекршочни постапки против ТВ Нова, ТВ Алсат-М и ТВ 24 Вести.

„Прекршочни постапки против ТВ Нова и ТВ Алсат-М се поведуваат поради надминување на лимитот за платено политичко рекламирање. Мониторингот врз Алсат-М покажа дека на 26 и 28 септември, на еден реален час емитувана програма, одвоено е повеќе од законски дозволеното време за политичките патии во Собранието што немаат пратеничка група. Со надзорот, пак, врз ТВ Нова, кој се однесува на периодот 28 септември и 1 октомври се утврди дека на еден реален час емитувана програма, емитувано е повеќе од дозволеното време за политичките партии во опозицијата“, соопшти Агенцијата.

Прекршочна постапка за ТВ 24 Вести, пак, е покрената поради непочитување на правилата за објавување резултати од испитување на јавното мислење, во прилогот насловен „Седми ден кампања за локалните избори“ емитуван на 1 октомври.

Извештаите од миниторингот се достапни на веб-страницата на Агенцијата www.avmu.mk

Слични содржини