Амбасада на САД: Барањата на СЈО за поддршка на независна и темелна истрага се разумни

од Vladimir Zorba

amerikanska-ambasada

Амбасадата на САД во Македонија ги охрабрува политичките партии да се придржуваат до обврските што ги презедоа со потпишувањето на Договорот од Пржино и договорот од 20 јули, а тоа, според амбасадата, ја вклучува и поддршката на работата на Специјалното јавно обвинителство.

Ова е реакцијата на амбасадата, откако вчера пратениците од владејачкото мнозинство не дадоа поддршка на барањата за измените на законите за СЈО и за заштитени сведоци, кои ги побара Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, а до пратениците ги поднесе пратеничката група на СДСМ.

Од амбасадата велат дека барањата на СЈО за поддршка на целосна и независна истрага се разумни.

„Ги охрабруваме сите партии да се придружуваат до обврските што ги презедоа според Договорот од Пржино и договорот од 20 јули, а со кои треба да се осигураат веродостојни избори, непречна работа на Специјалното јавно обвинителство и на независните набљудувачи на медиумите. Воспоставување на одговорност за неовластеното прислушување и обвинувањата за злоупотребите од власта се круцијални за излез од политичката криза во која се наоѓа Македонија. Веруваме дека барањата на СЈО за поддршка на темелна и независна истрага се разумни“, пишува во реакцијата на амбасадата.

Слични реакции стигнаа и од Делегацијата на ЕУ во Скопје и од Амбасадата на Кралството Холандија. Од Делегацијата на ЕУ велат дека улогата на СЈО беше договорена од сите партии, како дел од Договорот од Пржино и истите повеќепати се обврзаа да ја поддржат работата на СЈО.

„ЕУ ги охрабрува сите да дејствуваат во согласност со своите обврски и ја истакнува важноста на отчетноста“, соопштија од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Од холандската амбасадата велат дека СЈО игра клучна улога во излегувањето од политичката криза и дека е потребна постојана поддршка од сите вклучени страни, за СЈО да може да ја исполни својата мисија./Мета

Слични содржини