Аргументи „за“ и „против“ рудниците

од Vladimir Zorba

  Во јавноста во последните две-три години е доминантна перцепцијата или дилемата дали отворањето рудници во Македонија е опасно по здравјето на луѓето и животната средина. Еколошките здруженија преку протести и референдуми кажаа „НЕ“ за отворањето рудници и загадувањето на животната средина, а рударската фела останува на ставот дека во рударството има многу повисоки стандарди отколку пред 40 години и оти за сите овие нејасностии постојат строги законски контролни механизми. 

Во декември група пратеници предводени од пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ поднесоа Предлог-измени на Законот за минерални суровини со кои се забранува експлоатација и преработка на минерални суровини со примена на цијаниди, сулфурна киселина и други опасни материи.

– Непосреден повод за предложениот закон се издадените концесии за површински копови за рудници за бакар и злато – Казандол во Валандово и Иловица во Босилово, кои во своите постапки користат сулфурна киселина, односно цијаниден раствор во огромни количества. Знаејќи ја опасноста по живиот свет од овие хемикалии, последниве две години се раздвижи бран протести низ целата земја, а се организираа и референдуми за стопирање на рудниците во шест општини. Но, потенцијална опасност постои од уште 80-ина веќе издадени концесии за геолошки истражувања, по чие завршување може да се очекуваат исто толку барања за добивање концесија за експлоатација на минерални суровини, се вели во образложението на законот.

Рударската фела и еколошките здруженија со контра аргументи

Сопствениците на рудници велат дека се врши тенденциозен притисок врз овој сектор и оти се извртуваат фактите. Посочуваат дека во самата законска регулатива предвидени се сите најстроги мерки за контрола и претпазливост и оти не е во ред да се затвори еден индустриски сектор врз база на претпоставки.

– Денешното рударство е индустрија која и тоа како е контролирана и се грижи за животната средина и здравјето на луѓето. Тоа е имплементирано во сите постапки при добивање на дозволите за работа. Стотици ревизии се прават со кои се потврдува работењето на комплексот. Кога зборуваме за безбедност треба да се знае дека се грижиме и за својата безбедност и за безбедноста на нашите вработени. Сигурно нема да дозволиме да работиме во небезбедни услови со цијаниди кои се небезбедни и да шетаме со гас маски, вели Бошко Сибиновски управител на „Сардич МЦ“, кој стопанисува со рудникот „Казандол“.

Тој додава дека ниту еден концесионер нема да си дозволи да направи грешка и да испушта штетни материи во околината за рудникот да се затвори, бидејќи вложувањата за отворање на рудник се големи.

Во прилог на ова оди и информацијата од рудникот „Бучим“ дека во реката Меденица веќе нема содржини на бакар и во хидројаловиштето кое се наоѓа во близина на селото Тополица има риба мрена која живее само во чиста средина.

– Погонот за лужење на катоден бакар е еколошки и економичен. Еколошки е затоа што го затворивме циклусот на испуштање на води кој беше присутно пред 2010 година кога во реката Меденица имаше содржини на бакар, но сега во хидројаловиштето кое е во близина на селото Тополница имаме риба мрена која важи за риба која живее во чисти води, вели Николајчо Николов, претседател на Македонската асоцијација за рударство и сопственик на рудникот „Бучим“.

Тој нагласува дека направиле и мерења на ПМ 10 честичките во околината на Бучим пришто е констатирано дека тие скоро секогаш се движат околу или под 10 милиграми на метар кубен што е значително малку во однос на некои градови каде нема рудници.

Од друга страна, Ангел Наков од здружението „Спас за нас“ од Гевгелија посочува дека проблемот е во тоа што ќе се отворат рудници со отворен коп и ќе се користи процес на лужење што се применува кај руди сиромашни со метали.

– Ако некаде постојат механизми во светот за заштита од овој тип на рударството, тогаш тоа сигурно е САД. Во Америка за таа работа се грижи американската Агенција за заштита на животната средина. ЕПА ги забрани рудниците за лужење со отворен коп и утврди дека ваквите рудници во западна Америка направиле контаминација на 40 проценти од водите, вели Наков.

Напоменува дека вакви рудници нема во Европа, а на останатите континенти има во ненаселени подрачја како што се во пустината во Австралија, Невада во Америка, во Перу, Чиле, Индонезија, Африка, Киригистан и Сибир.

Цијаниди и сулфурна киселина се користат во рударството и во други индустрии

Во еден дел од образложението на Предлог-законот се наведува дека многу е веројатно оти ќе се користат најевтините и најопасните техники за експлоатација на рудите имајќи предвид дека истражувањата се однесуваат главно за сиромашни руди на злато, сребро и бакар.

– Тоа би значело дека околу 10.000 километри квадратни од нашата земја, која целата изнесува 25.000 километри квадратни, ќе се разори од површински копови кои целосно го менуваат изгледот на земјиштето и ги загадуваат водите, воздухот и почвата. Да потсетиме, најголем дел од населението во тој регион живее од земјоделие и туризам, кои би биле уништени за неколку стотици работни места во рудниците, за два проценти профит за општините и 98 проценти профит за концесионерите, се појаснува во Предлог-законот.

Сопствениците на рудници, пак, уверуваат дека во рударството се користат многу помали количества од овие материи отколку во другите индустрии. Така, од вкупното годишно производство во светот на разни цијаниди кое изнесува околу еден милион тони, само шест проценти се користат во металургијата и рударството, а сите други количини одат во другите индустрии како што се фармацијата, козметиката, прехранбената и винската индустрија.

– Концентрацијата на сулфати и сулфити во оцетот кој го користиме дома е иста како онаа што ја користиме ние во процесот на лужење. Медицинскиот сапун има помеѓу пет до седум проценти сулфурна киселина, а за стабилизација на виното исто така се користи пет проценти сулфурна киселина, посочуваат сопствениците на рудници.

Уверуваат дека при деталните геолошки истражувања не се користат цијаниди и сулфурна киселина како што се прикажува во јавноста. Она што во овој случај се употребува и што може да биде детерминирано како опасна материја е работењето на машините и тековното испуштање на дизел гасови и масла.

Рударството значаен сектор во државата

Рударскиот сектор е значаен извозник во државата. Металичните рудници извезуваат околу 180 милиони долари на годишно ниво, а имаат увоз од 80 до 90 милиони долари што укажува дека се работи за гранка која е позитивно извозно ориентирана.

Менаџерските тимови на рудниците укажуваат дека доколку се донесе Предлог-законот постои опасност од замирање на овој сектор во државата и затворање на работни места.

– Сите сакаме да живееме во здрава животна средина, безбедна по нашите животи, меѓутоа сакаме да живееме, а за да живееме потребен ни е економски процес. Невладиниот сектор е за заштита на животната средина, а не е за уништување на дејност во случајот рударството, вели Љубомир Јосифовски од Инфогруп“.

 

Билјана Анастасова – Костиќ     МИА

Слични содржини