Дуелот Латас-Заев предизвика жестоки реакции и отвори многу прашања: за новинарската етика, непостоењето граница меѓу медиуми и партијата на власт, третманот на некои етнички заедници и можното протекување докази, анализира Дојче Веле

0,,17269636_303,00

„Ти си изрод“… „Лажеш како Турчин“… и серија други навреди ќе бидат запаметени како главна есенција од првото гостување на лидерот на СДСМ во вчерашната информативна емисија (19 часот) на ТВ „Сител“. „Скандалозно ниското ниво“ на уредникот Драган Павловиќ – Латас, е најблагата оценка на дел од гледачите за односот на домаќинот кон гостинот. И покрај тоа што во него одамна не препознаваат уредник кој се раководи од професионални и етички стандарди, фрапирани се од недостигот на елементарна култура што зрачи од телевизија со национална концесија. Истовремено, во владини кругови и провладини медиуми, уредникот ги собра сите ловорики за „маестралниот настап“ со кој го „згазил“ опозицискиот лидер.

Овој „дострел на Сител“ се случува во време кога во Македонија се одвиваат меѓупартиски преговори за потребата од медиумски реформи и кога започнува евалуација на реализираното од Пржинскиот договор, која треба да утврди дали се исполнети сите услови за да се одржат фер избори на 24-ти април. Меѓу тие услови е и обезбедувањето фер и балансиран медиумски однос кон сите политички субјекти. Токму недостигот од таков стандард, ги испровоцира амбасадорите на ЕУ и САД, Аиво Орав и Џес Бејли, веднаш по интервјуто да напишат идентично, реторичко прашање на нивните Твитер профили: „Фер и балансирано медиумско известување???“

 

Не се провладини – туку владини!

Сефер Тахири, професор по новинарство на Универзитетот на ЈИЕ, вели дека „интервјуто на Зоран Заев со ‘началникот’ Латас“ не откри ништо ново, туку само го потврди фактот кој граѓаните го евидентираат секојдневно.

„Дел од медиумите, меѓу кои на врвот е ‘Сител’, не се провладини, туку се владини. Не се продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ, туку тие зборуваат во името на таа партија. Не се гласноговорници на партијата, туку се покажа дека тие всушност се партијатa. Постои сомнителна симбиоза на релацијата партија – медиум. Односот на Латас кон Заев беше непрофесионален и неетички, а прашањата беа не само сугестивни и коментаторски, туку во себе содржеа ставови кои треба да ги проверуваат органите на правосудството, како што беа објавените разговори, кои наводно тој ги поседува. Затоа сметам дека лидерот на опозицијата треба да го преиспита ваквото настапување во медиуми кои не се тоа, кои ни трошка не се грижат за јавниот интерес. Да се смета дека ваквиот однос ќе смени нешто во медиумската сфера, и покрај инсистирањето на меѓународната заедница, е само чиста утопија. Дуелот Заев-Латас го докажа ова“, констатира Тахири.

Уредникот на „Сител“ во рамките на разговорот презентираше податоци за наводни разговори на Заев со лица осомничени за случајот „фалсификувани лични карти“. Беа објавени датуми на разговорите, час и времетраење, како и содржина на комуникација преку пораки на Вибер. Павловиќ рече дека тие разговори ги добил „од загрижени граѓани“, а за нивното објавување се повика на „законот за свиркачите“. Од Обвинителството, каде во моментов се води истрагата за случајот „фалсификувани лични карти“, синоќа не беа во можност да одговорат дали се тоа докази обезбедени во истрагата и како се нашле на ТВ „Сител“, бидејќи треба да проверат што било објавено во информативната емисија. Таков одговор најавија за денеска.

Заев на својот Фејсбук-профил напиша: „Ова е цената на слободата на медиумите“

Етика? Што беше тоа?

Новинарите се загрижени за начинот на кој се компромитира професијата од страна на поединци, кои самите се дисквалификуваат како припадници на новинарскатата заедница, со тоа што не ги почитуваат нејзините стандарди.

„Етика“ е еден од најспомнуваните зборови во нивните реакции. Марина Тунева, извршен директор на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) вели дека навредливиот, потценувачки и арогантен однос кон соговорникот, шпекулирањето и непроверените информации е еднакво на апсолутен хазард на етиката.

„Професионалниот однос и третман на изворите и соговорниците не е избор, тоа е обврска. Елементарна обврска во интервјуирањето на кој било соговорник во студио, е да му се слушне одговорот и да се третира со почит, а исто така и да му се даде право да одговори на прашањето. Во ова интервју доминираа обвинувањата, а отсуствуваа одговорите на прашањата и ставовите на соговорникот. Тоа е надвор од стандардите на новинарската професија. Јавноста има право да ја знае вистината и да биде информирана. Кога неа и е спречен пристапот до информации, факти и спротивставени размислувања, тогаш етерот се искористува бесполезно, а последицата е губење во очите на јавноста и бескруполозно убиство на нејзината доверба“, укажува Тунева.

На социјалните мрежи доминира ставот дека е добро што Павловиќ со својот непрофесионален однос и до крај се демаскирал, за да можат и претставниците на меѓународната заедница најдиректно да се уверат за какви „европски закони и европско новинарство“ се залага и тој и новинарското здружение во кое членува.

целата анализа тука

Слични содржини