Германската Дојче банка може да пресели до 4.000 работни места од Британија

од Vladimir Zorba

Бизнис  светот денеска

 

Берлин – Германската Дојче банка може да пресели до 4.000 работни места од Британија, изјави директорката за регулаторни работи во Дојче банка, Силвија Матерат. „За работа со клиентите во ЕУ неопходно е да бидете стационирани во континентална Европа” – изјави Матерат на една банкарска конференција во Франкфурт.

Брисел – На Европа и е потребен сопствен Европски монетарен фонд кој би го заменил вашингтонскиот ММФ во идни пакети за помош, вели претседателот на еврогрупата Јерун Дајселблум. „Успешно зајакнување на монетарната унија е можно само ако одговорноста и солидарноста бидат тесно поврзани. Еден од начините тоа да се оствари е да ја продолжиме работата на претворање на Европскиот стабилизациски механизам во Европски монетарен фонд” – рече Дајселблум во обраќањето на Европскиот парламент.

Вашингтон – Данокот на американските компании ќе се намали на 15 отсто, од сегашните 35 отсто, рече министерот за финансии на САД Стив Менучин. Тој во разговорот за телевизијата CNBC, одговарајќи на прашањето за фискалната реформа на американскиот претседател Доналд Трамп рече: „Нема да влегувам во детали, но дозволете ми само да кажам, бидејќи бројката од 15 отсто се појави во печатот последните денови, да можам да потврдам дека данокот за компаниите ќе биде 15 отсто”.

Штутгарт – Водечкиот германски производител на луксузни автомобили Дајмлер, ги зголеми деловните прогнози за 2017 година, по силните резултати на почетокот на годината. Германскиот автомобилски гигант, дупло го зголеми нето профитот во првиот квартал на 2,7 милијарди евра во однос на споредбеното тромесечје ланската година, при што приходите се зголемени за 11 отсто на 38,8 милијарди евра, што ги надмина очекувањата на аналитичарите.

Москва – Гаспром го зголеми износот на побарувачката од украинскиот Нафтагас пред арбитражниот суд во Стокхолм од 5,3 милијарди долари, се наведува во извештајот на компанијата. Како што наведоа од компанијата, износот од 37 милијарди долари „вклучува побарувачка за отплата на долг за испорачан гас во периодот мај-јуни 2014 година, отплата по принципот земи или плати за периодот од 2012 до 2016 година, како и пенали за задоцнетата оптлата на гас” – пишува Спутник.

Мадрид – Стапката на невработеност во Шпанија во првото овогодишно тромесечје благо порасна на 18,8 отсто, дел поради гасење на сезонските дејности околу зимските празници. Бројот на невработените во Шпанија во периодот јануари-март порасна за 17.200 на 4,3 милиони, соопшти шпанскиот Национален Институт за статистика./МИА

Слични содржини