Ич не ми е важно дали Груевски ќе замине од лидерската позиција во дпмне. Важно ми е дека ќе одговара за стореното.

од desk4

Уште еднаш сакам да повторам – ова не е, ниту некогаш било битка против партијата ВМРО-ДПМНЕ, ниту против нејзините членови. Ова е битка против злосторничкото здружение на никола груевски кое тој го инсталираше во највисокото партиско раководство, против НЕГОВОТО дпмне.

Иако партијата беше катастрофално поразена на изборите, груевски и груевизмот се’ уште се силни. Неговите војници остануваат верни и го бранат по различните емисии, колумни и маалски кооперации. Продолжуваат со тезите дека груевски е политичар со најголем рејтинг во дпмне; дека членството се’ уште го сака, а дека се’ погласните барања за негова политичка одговорност во самата партија се всушност душмани или само симпатизери на партијата, но не и членови; дека за се’ се криви „нелегално снимените разговори“ кои не го откриваат ѕверството на груевски, туку само ете, го претставуваат во погрешно светло; дека државата ќе ни се распадне без него на кормилото на дпмне, итн.

Се разбира дека донот на партијата има највисок рејтинг. Десет години, тој го градеше лажниот култ околу неговата личност. Никој друг не смееше да биде прикажан во јавноста како ностел на одлуки во дпмне, ниту пак како внатрепартиски глас различен од оној на груевски. И Ал Капоне беше име кои им беше познато на сите луѓе во САД, а сигурен сум и дека голем број луѓе го гледале како свој идол. Тоа не го менува фактот дека станува збор за најголемиот мафијашки дон во историјата на таа држава.

Не е важно ниту дали последните мегафони на груевски, ги нарекуваат незадоволните гласови како душмани, симпатизери, или членови. Кога истите луѓе се редеа пред гласачките места да ги гласаат криминалните политики на груевски, тие за него беа гласачи. За него беа НАРОДОТ. Епа николче, народот одлучи во недела. Ти рече дека Македонија нема повеќе да го толерира твоето ѕверско владеење.

За падот на груевски не се криви никакви разговори. Ниту неговиот криминал. Криминалот и начинот на кој неговото здружение функционира, одамна се познати на јавноста. Ако барате „кривец“ – барајте го на две места. Кај храбрите граѓани и граѓанки, кои не се плашеа да застанат исправено против целиот негов свет и да му речат дека е доста. Прво еден, па неколкумина, па стотина, па илјадници и на крајот, огромното мнозинство граѓани во Македонија. Вториот кривец е самиот груевски. Неговата тврдоглава самоувереност дека граѓаните ќе продолжат да го толерираат неговиот криминал и дека ќе продолжат да се плашат од него. Неговата неспособност да признае грешка. Неговиот комплекс на бог и пастир на македонската нација.

Што се однесува до Македонија, таа постоела пред криминалецот груевски, ќе постои и долго по него. Прашањето е само уште колку штета ќе дозволиме тој да направи.

На крајот од денот – ама ич не ми е важно дали груевски ќе замине од лидерската позиција во дпмне. Важно ми е само дали ќе одговара за стореното. А одговорот на тоа прашање е – Да, ќе одговара. Бидејќи, како што самиот тој има кажано – народот така одлучи.

Павле Богоевски

Слични содржини