Иранците што го преживеаја земјотресот поминаа студена ноќ надвор

од desk2

Илјадници Иранци што го преживеаја силниот земјотрес поминаа долга ноќ на отворено без засолниште, а температурата беше близу нула степени Целзиусови.

Иранската влада прави се за помошта да стигне во најпогодените области, меѓу кои и планинската провинција Керманшах, каде во потресот беа уништени неколку стотици домови.

Последните податоци велат дека во земјотресот загинале повеќе од 400 луѓе, додека близу 7.000 се повредени.

Епицентарот на потресот беше близу границата на Иран и Ирак, а се случи во неделата. Иран, вторник прогласи ден на жалост, а претседателот Хасан Рохани ќе допатува во посета на регионот.

Иранските власти соопштија дека се забележани 413 смртни случаи, додека во Ирак загинале девет лица, и повеќе стотини се повредени.

Иранската државна телевизија извести дека илјадници преживеани втора ноќ се надвор на отворено или во кампови. Многумина од нив чии домови не се уништени се уште не сакаат да се вратат дома поради страв од нови потреси.

„Ноќта е многу студена, се ни е потребно. Власта мора да забрза со доаѓањето на помошта“, вели една жена од градот Сарпол а Захаба, град кој најмногу беше погоден и каде загинаа најмногу луѓе.

ОН е подготвен да помогне, а локалните служби проценија дека помошта е неопходна за 70.000 луѓе. Засега најпотребни се шатори, вода и храна.

Иранските служби за спасување соопштија дека потрагата по преживеани во главно е завршена.

Да потсетиме, земјотресот со јачина од 7,3 степени по Рихтер се случи во неделата во 21.18 часот по локално време во близина на североисточната граница на Ирак и Иран, и е најсмртоносен оваа година во целиот свет.

Слични содржини