Јосифовски бара промени во законите за нафтениот сектор

од desk2

Компанијата „Макпетрол“ одбележува 70 години од работењето со раст од 31 процент во малопродажбата на нафтени деривати, како и нето добивка по оданочување во износ од 142 милиони денари во првите седум месеци од годината.

– Во 2016 година е остварена нето добивка по оданочување од 377 милиони денари, а во август е поделена и дивиденда во вкупен износ од 112 милиони денари, како и половина плата на вработените што не се акционери. Убедени сме дека и оваа година ќе ја завршиме успешно но не би сакал да зборувам за цифри затоа што работењето зависи и од движењето на нафтените деривати на светските берзи и како дома РКЕ ги формира цените, рече на прес-конференција претседателот на УО на „Макпетрол“ Андреја Јосифовски.

Тој потенцираше дека „Макпетрол“ претрпел и се уште трпи големи штети по минатогодишниот обид за преземање на оваа компанија од страна на оф-шор фирмата „Балкан петролеум“, што предизвикало блокада на одреден дел од работењето. – Очекуваме Комисијата за хартии од вредност да го реши ова прашање, рече Јосифовски, најавувајќи дека ќе бара одговорност за случајот од директорите и од членовите на управните одбори на Централниот регистар на хартии од вредност и на КХВ.

Според Јосифовски, компанијата ќе остварела многу подобри резултати, доколку, како што рече, Царинската управа, Регулаторната комисија за енергетика и Пазарната инспекција биле на висина на својата задача.

Одговарајќи на новинарски прашања Јосифовски рече дека е потребна промена во законската регулатива за нафтениот сектор, каде, како што рече, има криминал за кој може да се зборува два дена. Ја оценува како хаотична и состојбата со формирањето на цената на горивата.

– ОКТА и Макпетрол имаат обврски да чуваат девизни резерви, другите немаат такви обврски, а имаат исти права. Треба многу да се промени во законската регулатива, да се промени складишниот простор кој треба да се зголеми затоа што ова што го имаме на пазарот е хаос, како и да се укине екстра лесното гориво затоа што тука е најголемиот криминал, или пак да се изедначи акцизата помеѓу екстра лесното и дизел горивото, рече Јосифовски.

Верувам, додаде, дека новата Влада има желба и ќе направи одредени корекции колку толку пазарот со нафтени деривати во Македонија да се доведе во разумни рамки. – Криминалот не можете да го стопирате никогаш сто проценти. Потрошувачката на екстра лесното гориво не е само кај играчите кои вршат намешување, туку има и таксисти, камионџии кои користат екстра лесно гориво и практично помалку пари се слеваат во Буџетот на РМ, рече Јосифовски.

Слични содржини