Конзервативците-приврзаници на тврд Брегзит сакаат брз „развод“ со ЕУ

од desk4

– Повеќе од 60 пратеници на британската владејачка Конзервативна партија испратија писмо до премиерката Тереза Меј во кое бараат брз и чист „развод“ со Европската унија.

Со писмото пратениците го засилија притисокот врз Меј да заземе поцврст пристап за Брегзит, пред состанокот на кој треба да се утврди позицијата на Велика Британија во преговорите за излез од Унијата.

Владата и владејачката Козервативна партија се поделени по прашањето за Брегзит. Меј има едвај осум месеци да постигне договор за излез од ЕУ, бидејќи инсистира Велика Британија да ја напушти Унијата на 29 март 2019 година.

Групата од 62 пратеници од Конзервативната партија побара поцврст став во редица области, вклучително и правото на Велика Британија да биде ослободена од правилата на ЕУ по заминувањето и условите за евентуален преоден перидод.

– Вашата Влада треба да има можност да ги промени британските закони и правила кога ја напуштиме ЕУ, а не да биде сами „прифаќач на правилата”, велат во писмото пратениците, меѓу кои и се некогашниот лидер на конзервативците Иан Данкан Смит и поранешната министерка за меѓународен развој Прити Пател .

ЕУ сака Меј да објасни како гледа на идните односи на Велика Британија со блокот, во услови кога нејзната позиција е ослабен, откако го загуби парламентарното мнозинство на ланските предвремени избори, па сега внимава да не дава премногу детали во момент кога нејзината партија е поделена по прашањето околу условите за Брегзит.

Меј утре ќе има средба со повеќемина министри со цел да се обиде да посредува во договорот меѓу партиските фракции. Потоа се очекува во следните неколку недели да ги претстави своите планови, пред да започнат официјалните трговски разговори во март.

Во писмото, пратениците најавија дека ќе го поддржат преодниот период, за што се залагаат поддржувачите за помек Брегзит, во кој Велика Британија ќе остане во многу од постојните структури на ЕУ, само ако сите детали се целосно договорени до март следната година.

Според пратениците, Велика Британија би требала да може да ги промени своите закони без дозвола од Брисел од моментот кога официјално ќе ја напушти ЕУ.

Слични содржини