Костов: ГОБ „8 Септември“ оставена со долг од околу 5 милиони евра

од desk2

Долгови на болницата од околу 5 милиони евра или 243 милиони денари кон разни фирми, неплатени сметки, режиски трошоци и затезни камати, нереновирани операциски оддели, единица за реанимација и амбулатнти, но и недостиг на персонал затекнало новото раководство на Градската општа болница „8 Септември“ од Скопје.

Тоа, според в.д. директорот на ГОБ „8 Септември“ Христијан Костов би значело дека со досегашното темпо на работа би се довело во прашање функционирањето на болницата, во која се извршуваат од 6-7.000 операции на годишно ниво, а во чии амбуланти се прегледуваат над 250 илјади пациенти годишно.

– Од најкруцијално значење е интервенција кај операциските сали кои со ова темпо на работа на болницата нема да можат да бидат функционални, рече Костов додавајќи дека реконструкција во овие делови не е направена повеќе децении.

Постојниот персонал, смета Костов, работи пожртвувано и професионално, и одговара на потребите на болницата, но нагласи дека има недостиг на персонал во одредени специјалности поради што одредени оддели се затворени.

Најави дека приоритет за новото раководство на болницата во следниот период ќе биде итна реконструкција на операциските сали и на единицата за реанимација.

Како итен приоритет го посочи и воспоставувањето на воздушниот транспорт на пациенти со хеликоптер што, како што рече, ќе го скрати патувањето на пациентите од нивното место на живеење до болницата.

– Знаете дека временскиот период на транспортот има многу големо значење за некои индикации кај некои пацинти, со што би се намалил морибидитетот и би се зголемила сигурноста на граѓаните, рече Костов.

Тој информира дека се уште не е утврден начинот и финансиската конструкција за реализирање на овие приоритети но, како што рече, верува дека Владата ќе најде решение и оти откако ќе се направи соодветна анализа за тоа колкав буџет би ги задоволил потребите на болницата согласно услугите што ги дава тој ќе биде и обезбеден.

Во моментов, според Костов, буџетот на ГОБ „8 Септември“ е 840 милиони денари на годишно ниво. Костов не можеше да каже кој е виновен за натрупаните долгови на болницата, дали недоволниот буџет или лошото менаџирање со болницата, само потренцира дека се уште се прават анализи на работењето и оти потоа ќе се соопштат детали.

Слични содржини