Буџетот за 2018 година може да биде донесен најдоцна до 23 декември, изјави за „Мета“, пратеникот на СДСМ, Васко Ковачевски кој претседаваше со Комисијата за финансирање и буџет.

Тој додаде дека, се чека претседателот на Собранието, Талат Џафери да се врати од Соединетите Американски Држави, околу 15 декември, и во тој период, да ја закаже пленарната седница на која ќе се расправа за буџетот за следната година.

– Расправата во Собранието треба да трае до пет работни дена. Ако претседателот Џафери ја закаже седницата околу 18 декември и опозицијата учествува во расправата, најдоцна до 23 декември, буџетот ќе биде донесен. Доколку опозицијата не учествува, донесувањето на буџетот може да биде и порано – изјави Ковачевски.

По завршување на расправата за предлог-буџетот на Комисијата за финансирање и буџет, тој утре ќе се најде пред Законодавно-правната комисија во Собранието, која амандманите треба да ги разгледа од правен аспект. Потоа предлог-буџетот ќе се врати во Владата, која во рок до пет дена, треба да го врати во Собранието.

-Утре, штом Законодавно-правната комисија ќе го разгледа предлог-буџетот од правен аспект, тој се враќа во Влада, која може да направи, нивни или дополнувања по однос на шесте прифатени амандмани. Законскиот рок за дополнувањата во Влада е до пет дена. Потоа буџетот се враќа во Собрание – додаде Ковачевски.

Комисиската расправа за предлог-буџетот се одвиваше без опозицијата, а пратениците прифатија четири амандмани на ВМРО-ДПМНЕ и два на Беса, што се однесуваат на субвенции за печки на пелети, ТИР-зоната во Куманово, изградба на колекторски систем во Неготино, решавање на проблемот со депонијата во Струга, изградба на детски парк во Нерези, Општина Карпош..Meta

Слични содржини