Најмалку 15 загинати во пожарите во Калифорнија

од Vladimir Zorba

   Најмалку 15 лица загинаа, a над сто се повредени во пожарите што го зафатија северниот дел на американската сојузна држава Калифорнија.

Според локалните власти, во пожарите се уништени над 1.500 станбени и деловни објекти, а околу 20.000 лица беа принудени да ги напуштат своите домови пред ширењето на огнената стихија.

Гаснењето на пожарите го отежнува силниот ветер, кој дополнително го забрзува нивното ширење.

Противпожарните служби соопштија дека пожарите уништиле површина од над 160 километри квадратни.

Поради пожарите во осум окрузи северно од Сан Франциско е прогласена вонредна состојба.

Американскиот претседател Доналд Трамп го прогласи реонот зафатен со пожари за зона погодена од природна непогода и нареди испраќање федерална помош за жителите во тие окрузи.

 

Отворени се повеќе центри за евакуација во кои се згрижуваат лицата што ги напуштат своите домови.

Во градот Санта Роса локалните власти вчера прогласија полициски час од заоѓање до изгрев на Сонцето, како мерка за справување со провалниците, кои ги ограбуваат напуштените домови и деловни објекти.

Слични содржини