Наместо денеска, Уставниот суд ќе одржи седница в понеделник да се прости со Гошева

од Vladimir Zorba

Наместо во вообичаениот термин (секоја среда во 9 часот), Уставниот суд ја закажа следната седница за разгледување на иницијативи за понеделник, 31 октомври.

ustaven-sud-860x670-860x670

Официјално не е познато зошто е оваа рокада во термините, но извесно е дека седницата е закажана за понеделник, на последниот ден од мандатот на актуелната претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева.

Веќе од 1 ноември, на претседателското столче ќе седне нејзиниот наследник, судијата Никола Ивановски, кој на оваа позиција беше избран во понеделникот минатата недела.

Ивановски од својата претходничка, која останува судија во Уставниот суд, ќе го наследи жешкиот костен со иницијативата за оценување на уставноста и на законитоста на Законот за Специјално јавно обвинителство (СЈО), која веќе една година е во фиоките на судот и досега сè уште не се нашла на дневен ред, и покрај бројните повици од опозицијата и од невладиниот сектор.

Уставните судии, на чело со Ивановски, исто така ќе треба да одлучуваат и по иницијативата за оценување на уставноста и на законитоста на решението на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, за распишување на предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември, што вчера ја поднесе партијата на Гзим Острени, Унитети.

Ниту една од овие две иницијативи, според интернет-страницата на судот, не е на дневен ред на седницата в понеделник.

На агендата се седум иницијативи, едно барање за заштита на права и еден предлог за одлучување./Meта

Слични содржини