Почетна / Актуелно / Населението од Дебрца најави блокада на патниот правец Охрид-Кичево-Скопје

Населението од Дебрца најави блокада на патниот правец Охрид-Кичево-Скопје

Жителите од општина Дебрца, утре од 10 часот, уште еднаш, како што велат, ќе протестираат мирно, а доколку повторно надлежните не го слушнат нивниот глас, најавија целосна блокада на автопатот Охрид-Кичево-Скопје.

Во неколку наврати жителите од оваа мала општина се собираа на протести против изградбата на асфалтна, бетонска база и сепарација во местото викано Царополе, кај Ново Село.

После еден од последните протести, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, ја посети општина Дебрца. Тогаш тој најави дека ќе оствари средба со инвеститорот и со локалното население, кое се противи на изградбата на асфалтна и бетонска база, за да се изнајде заедничко и соодветно решение и за двете страни.

Жителите не добиле повратен одговор од министерот, додека фирмата која е ангажирана од кинеската корпорација која го гради автопатот – „Викторија Инвест” од Република Албанија, продолжила со подготовките за изградба на спорниот објект.

Тие укажуваат и на незаинтересираноста и инертноста на локалната власт и градоначалникот на општина Дебрца за нивниот проблем.

Утрешниот протест, што ќе се одржи кај бензинската пумпа кај Ново село, формално е свикан од Здружението на граѓани – Песочани. Уште еднаш ќе бидат побарани потребни мерки против изградбата на базите, предупредувајќи дека тоа ќе предизвика големи негативни последици врз животната средина во околината.

Доколку градежните активности и натаму продолжат, месното население на општина Дебрца, најави целосна блокада на патниот правец Охрид-Кичево – Скопје./Мета