Од Самитот во Трст се бара јасен сигнал за иднината на Западен Балкан

од Vladimir Zorba

 

Раст од 6 отсто на стопанствата на земјите од Западен Балкан – тоа е една од целите на Самитот во Трст. Дарко Малиновски од Институтот за европска политика вели дека е добро што Балканот се враќа во фокусот на ЕУ, информира АлсатМ.

Според Малиновски, со овој самит ЕУ се дистанцира од изјавата на Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, дека до 2019 година, ЕУ нема да се прошири, порака која лошо се рефлектираше врз регионот.

 

Италијанскиот министер за надворешни работи, Анџелино Алфано порача дека на Самитот ќе се побара лидерите од западен Балкан силно да се ангажираат за консолидирање на демократските институции и владеење на правото.

„ Потребно е да се надминат поделбите и обвинувањата од минатото и Европа да биде неповратен избор. Само преку дијалог и силен импулс за помирување ќе може да гледаме со оптимизам кон иднината. Нема веќе време за двоумење, време е за решенија. На пријателите од Македонија познато им е силната и лојалната поддршка која Италија и ја пружила на Македонија во текот на евроатланските аспирации“. – изјави Анџелино Алфано, Министер за надворешни работи на Италија

На Самитот се очекува да се даде импулс на демократската, економската и социјалната транзиција на регионот, поради што ќе биде основана транспортна заедница на Западен Балкан и ќе бидат поставени основите за продлабочување на соработката во борбата против тероризмот и радикализмот. Од Кабинетот на премиерот Заев соопштија дека во рамки на самитот, освен средбите со високи претставници на ЕУ и ЕК, тој ќе се сретне и со албанскиот премиерот Еди Рама, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, и премиерот на Словенија, Миро Церар. Заев ќе се сретне и со министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон./АлсатМ

Слични содржини