Почина музичката легенда Чак Бери

од Vladimir Zorba

На 90-годишна возраст почина американскиот музичар Чак Бери. Музичарот изгубил свест во својот дом во Мисури. Полицијата на округот Сент-Чарлс пристигнала домот во 12:40 по локално време (18:40 по македонско). И покрај преземените обиди за реанимација, легендата не беше вратена во живот. Смртта настапила во 13:26 (19:26 по македонско време).

Родениот во 1926 година пејач и гитарист Чак Бери се смета за еден од највлијателните изведувачи во историјата на рокот. Во 1986 година тој стана еден од првите изведувачи вклучени во Салата на славните на рокенролот.

Бери влегува во листата на 100-те најголеми изведувачи на сите времиња според списанието “Ролинг Стоунс” каде што му беше одредено петтото место. Тој е исто така добитник на наградата “Греми” за особен придонес во музиката и развојот на музичката индустрија.

Чак Бери, чие полно име е Чарлс Едвард Бери, е еден од пионерите на рокенролот. Тој ја воведува гитарата  како белег во рок композицијата. Стилот на Бери е комбинација од влијанијата од ритам и блуз, кантри и блуз жанрот, поддржани од духовити текстови, кои понекогаш достигнуваат до отворена сексуална тематика.

Тој има големо влијание врз изведувачите од идната генерација како Битлси, Ролинг Стоунс, Бич Бојс, Боб Дилан. Првите рок групи од Англија го сметаат стилот на Чак Бери за примерок и неговите гитарски композиции покажуваат огромно влијание врз формирањето на музика во Велика Британија. Според голем број критичари и познавачи од сите рани рокенрол изведувачи тој е најважниот за развојот на оваа музика.

“Тој е нејзиниот најголем текстописец, главниот оформувач на нејзиниот инструмент, еден од нејзините најголеми гитаристи и еден од нејзините најдобри изведувачи”, гласи една од оценките за него.

Слични содржини