СДСМ: Власта лаже за БДП и долгот, по критиките од Хан за штетите врз економијата

од Vladimir Zorba

„За брзо време ќе има ревизија на објавените податоци од страна на Министерството за финансии и од страна на Државниот завод за статистика, за сите економски показатели што се обидува да ги крие власта во заминување, во обид да ги покрие катастрофалните резултати во економијата“, се вели во соопштението на СДСМ.

Оттаму велат дека, „Министерството за финансии прикажува намалување на јавниот и државниот долг во релативни бројки, повикувајки се на нереални податоци што очигледно вештачки ги конструира контролираниот Државен завод за статистика“.

– Државниот завод за статистика ќе мора да објасни, како е можно во услови на реален економски раст од 2,4 проценти и во услови на дефлација, да прикаже номинален пораст од 8,8 проценти на домашниот бруто-производ. Граѓаните на Македонија, стручната јавност и меѓународните финансиски институции мора да знаат како е можно бруто-инвестициите во 2016 година да бележат пад од 4,3 проценти, а номинално да растат за скоро 20 проценти повторно во услови на дефлација. Во последната објавена табела на Министерството за финансии, јавниот долг во апсолутен износ е непроменет и изнесува 4.711.000.000 евра – велат од СДСМ.

Оттаму велат дека „станува збор за лаги на досегашната власт, по конкретните критики од еврокомесарот Хан дека последните неколку месеци и наштетија на економијата на земјата, поради што е потребно да се одблокираат процесите и Македонија што побрзо да ја добие новата реформска Влада.“/МЕТА

Слични содржини