Скопјани го напуштаат градот во страв од нов земјотрес

од Vladimir Zorba

Скопје денеска го преживеа најголемиот страв на своите жители, стравот од земјотрес кој се подгрева по секоја поплава, а е длабоко врежан во потсвеста од кобната 1963.earthquake-1462622368

Скопјани почувствуваа два земјотреса проследени со афтершокови и тоа еден кој ги крена од креветите во 6:49 часот изутрина со јачина од 4,3 степени по Рихтер, и уште еден во 15:10 кој веќе ги извади жителите надвор од домовите, на безбедно во отворените простори. По вториот посилен земјотрес беа почувствувани уште два потреси.

Вториот земјотрес службите го утврдија со јачина од 5,4 степени според Рихтер, што според научниците го прави најсилниот земјотрес во последните 110 години, освен оној во 1963, чија јачина била 6,1 степени.

Иако нема човечки жртви, повеќе од 30 лица побарале медицинска помош, но поради повреди стекнати за време на панично бегство, а не како непосредна штета од самиот земјотрес, пренесуваат од Градската болница.

Сепак, Скопјани стравуваат од можно повторно тресење на земјата и на големо ги напуштаат своите живеалишта. Посебно станарите во зградите, се упатуваат да ја поминат ноќта во своите викендички, кај роднини и пријатели во околината на Скопје. Оние пак кои имаат имоти или роднини во другите градови во внатрешноста, веќе отпатуваа во тие правци, поради што дури беа создадени и редици на бензинските пумпи на излезите од Скопје.

Вториот земјотрес ги затече Скопјани на различни локации, во супермаркети каде се забележани најголеми штети, во домовите, на коловозите.

Ви пренесуваме дел од нивните сведоштва.

„Пазарувавме во Веро. Одеднаш почна сè да се тресе, да паѓаат рафтови, да бегаат луѓе и да вриштат. Настана општа паника. Јас бев со моите две деца, во живот не сум била попреплашена“, – сведочи млада мајка.

„Ручавме на трпеза. Одеднаш почнаа да скокаат чиниите, да паѓаат чашите. Постарата ќерка не можеше да се соземе. Живееме на 4 кат, веднаш излетавме низ вратата и излеговме пред зградата“.

„Сабајле ме разбуди од сон првиот земјотрес. Помислив да слезам долу, но не ми се чинеше толку страшно. Но, вториот беше ужасен. Ме потсети на 1963. Испукаа ѕидовите, падна малтер, вазните и украсите од полиците, чашите во кујна. Штом престана да тресе веднаш излегов, не проверив што е се искршено.“ сведочи стара Скопјанка која живее во населбата Автокоманда.

„Се лулаше се, но каде да бегаш од 11 кат. Ни со лифт, ни по скали“.

„Утринскиот го почуствував, но овој беше полош. Овој удри и за малку ќе паднев, среќа се задржав“- раскажува жена во поодминати години.9c077ffa66ee574ebe3d8b8c6b7821fd

 

Покрај испуканите ѕидови, попаѓани шкафови и плочки, сепак до сега не се пријавени поголеми штети во домовите. Во населбата Железара забележан е паднат оџак кој комплетно оштетил паркиран автомобил до зградата, но сепак најголемите штети се предизвикани во маркетите каде производите паднале од рафтовите и во голем дел ја изгубиле својата употребливост. Во скопски Сити Мол распукал еден ѕид и посетителите биле евакуирани.

Медицинските лица препорачуваат да не се создава паника бидејќи повиците кои ги добиваат се најчесто последица на нерационално однесување, а во случај на следни потреси мирно да ги напуштат своите домови и во никој случај да не скокаат од прозорци и тераси.

Поопширното упатство од Дирекцијата за заштита и спасување за однесување за време на земјотреси, можете да го прочитате ТУКА.

Слични содржини