Вечерва свечено се отвора јубилејниот 20. Скопје филм фестивал  

од Vladimir Zorba

 

Со „Реквием за госпоѓа Ј“ во режија на Бојан Булетиќ, а во копродукција на Скопје филм студио, вечерва (четврток, 20 април) во 20 часот, во кино „Милениум“ ќе има македонска премиера како филм за отворање на годинешното издание на Скопски филмски фестивал кој се одржува од 20 до 28 април.

Филмот беше прикажан на годинешното 67. издание на Берлинале, на ФЕСТ Белград каде освои награда за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра женска улога, а на 21.Интернационален филмски фестивал во Софија ја освои наградата ФИПРЕСЦИ која ја доделува Интернационалната федерација на филмски критичари.  

„Реквием за госпоѓа Ј“ обработува актуелна, универзална тема што произлегува од севкупната материјална и мотивна криза која владее во светот, а најмногу во сиромашните земји. Приказната ги следи животите на четири жени кои припаѓаат на повеќе различни генерации: мајка, нејзините две ќерки и свекрва. Главниот лик, гoспоѓа Ј, откако останува без работа и пензија, бара начин материјално да го обезбеди своето семејство. Постарата ќерка крие дека е бремена, помладата ќерка влегува во бурен пубертет, а свекрвата само молчи и не комуницира со никој. На еден поинаков начин, преку црн хумор, овој филм се обидува да зборува за сериозни теми од животот во транзиција.

Сценариото е на Бојан Вулетиќ, директор на фотографија е Јелена Станковиќ, сценограф е Зорана Петров, костимограф е Лана Павловиќ, шминка Јасмина Лилиќ, а монтажата е на Владимир Павловски. Улогите ги толкуваат Мирјана Карановиќ, Даница Неделковиќ, Мира Бањац, Јована Гавриловиќ, Срѓан Тодоровиќ и др. Продуцент е Нанад Дукиќ (Србија), а ко-продуценти се Павлина Желева (Бугарија), Томи Салковски (Македонија), Александер Родњански (Русија) и Алис Ормиер (Франција).

На премиерата ќе присуствуваат режисерот Бојан Вулетиќ и актерката Мирјана Карановиќ, како и продуцентите Ненад Дукиќ и Миша Могоровиќ, како и македонската екипа која работеше на филмот.

Проектот беше поддржан од Агенцијата за филм, Српскиот филмски центар, Бугарскиот национален филмски центар, ИФФ Карлови Вари, францускиот „Синема ди Монд“, а поддршка даде и Еуримаж-Европскиот копродукциски фонд на Европска унија.

Филмовите во овогодинешното јубилејно издание на фестивалот се  распоредени во осум програми: Гала, Програма на авторски филмПанорама на светски филмМакедонска продукција, во која публиката ќе ја види најновата македонска филмска комедија во режија на Коле Ангеловски, „Ах љубов моја“, како и неколку краткометражни филмови од најновата македонска продукција.

Скопски филмски фестивал за својата публика подготви Ретроспектива на Стенли Кјубрик, во рамките на која ќе бидат прикажани  пет негови филмови, а по тој повод специјален гостин на Фестивалот ќе биде познатиот Јан Харлан, извршниот продуцент на филмовите на Кјубрик. Тој во Скопје, на 23 април ќе одржи предавање, а по проекцијата на филмот „Пеколен портокал“, ќе одговара на прашања од публиката.

Во Гала програмата ја имаме новата комедија на оскаровецот Фернандо Труеба, „Кралицата на Шпанија“, со Пенелопе Круз,  која се одвива за време на диктатурата на Франко. Филмот беше дел од официјалната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал. „Невидливиот гостин“ на режисерот Ориол Пауло, прекрасно снимен трилер кој е продолжение на прославениот „Тело“ од 2012. Меѓу другите, тука е и „Младиот Маркс“ на Раул Пек, беспрекорно снимена, класично замислена биографија што го прикажува создавањето на Комунистичкиот манифест.  Најновото остварување на Бруно Думон,  „Заливот Слек“, со Жулиет Бинош, во главната женска улога, пак е необична, мрачна комедија за буржоаското и екстремно ексцентрично семејство Ван Петегем.

Во програмата Авторски филм, горди сме да ги прикажеме во Скопје, филмовите како „Загубени во Париз“ најновото дело на режисерите Фиона Гордон и Доминик Абел, новиот трилер и црна комедија „Кафуле“ на Алекс де ла Иглесија, а тука е и вторит дел од полуавтобиографска филмска трилогија „Бесконечна поезија“ на магот на контракултурата, Алехандро Ходоровски.

Како дел од програмата Панорама на светскиот филм, ќе видиме шест остварувања, меѓу кои се рускиот филм „Ученик“ на режисерот  Кирил Серебреников, американскиот „Каков што си“, импресивен филмски првенец на 23 – годишниот режисер Мајлс Џорис-Пејрафит. „Вива“ е првиот ирски филм што влезе во потесна конкуренција за Оскар за неанглиско говорно подрачје, овој филм на режисерот Педи Бретнах е снимен во Хавана.

Годинава, фестивалската публика ќе може да ги види и најинтересните француски филмови во програмата Фокус на францускот филм, а во рамки на програмата на Краток филм ќе бидат прикажани 12 филмови од европска продукција и уште 13 краткометражни шпански филмови.

Скопје филм фестивал со големо задоволство ја најавува и Детската филмска програма „Креираме заедно“.

Скопје филм фестивал и Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ од Скопје, годинава, преку програмата „Креираме заедно“, за прв пат ги вклучуваат и децата во креирањето на фестивалската програма.
Детската филмска програма на Скопје филм фестивал ќе понуди филмови наменети за сите деца кои се обидуваат да урнат некои табуа и стереотипи за луѓето со попреченост.
Во програмата  учествуваа ученици со и без попреченост на возраст од 9 до 14 години од осум инклузивни училишта од Скопје, Тетово и Струмица кои во духот на самозастапување говореа за себе и својот свет преку работилниците за фотографија, видеозапис и ликовно решение за плакатот на детската програма. Креативните работилници ги водеа уметниците: Ване Костуранов (плакат), Наташа Гелевска (фотографија) и Јане Алтипармаков (видеозапис).
Проектот  се имплементира со поддршка од Европската Унија, како дел од програмата „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција“, а е кофинансиран и спроведен од страна на УНИЦЕФ.

Во рамки на годинашново издание на Скопски филмски фестивал во кино Фросина, на 27 април ќе  се одржи работилница за анимиран филм со Берин Тузлиќ, мултимедијален уметник од Сараево.

Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е познатиот македонски ликовен уметник Ване Костуранов.

Програмите на 20. издание на Скопје филм фестивал, од 20 до 28 април ќе се одржуваат во кино „Милениум“, Кинотека на Македонија и кино „Фросина“.

Слични содржини