(ВИДЕО) 360˚ Јово Вангеловски го спасува Груевски од казна за насилството пред општина Центар

од Vladimir Zorba

– Подговтви го Мартин и Суле да спремаат од утре да маваме.

– Добро, ги имам материјалите…

– У петок ќе му собереме едно 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, пошо нели имаат право граѓани да влезат, па да видиме да размислиме дали еден да стане и едно три четири шамари јаки да му врзе пред сите. Не може ништо да му се напраи, нема тешка телесна повреда тука за кривична, има прекршочна само.- овој разговор можеше да се слушне во “бомбите” објавени на 19.04.2015-та година во кој, според опозицијата, екс премиерот Никола Груевски и поранешниот министер Миле Јанакиески ги договараат насилствата пред општината Центар од летото 2013-та година.

„Прeтседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски седна на обвинителна клупа, …. судијката, Татјана Михајлова донесе одлука, бомбите не биле доказ против Никола Груевски како нарачател на насилството. “- известуваа медиумите од судското рочиште на 16.12.2016, за насилствата пред о.Центар.

„Јас сум тука да си ги бранам своите права кои ми следуваат според Законот за кривична постапка и нема да отстапам. “- изјави тогаш обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи

„Михајлова посочи дека СЈО може да се жали на одлуката на Судот да ги отфрли бомбите како доказ за нарачаното насилство во Центар. Адвокатот Никола Додевски, кој го брани Груевски, го обвини СЈО дека доставиле докази кои незаконски ги прибавиле.“- беше одговорот на судот и одбраната на Груевски.

Оваа куса реприза е само мало потсетување, како се случи прислушуваните разговори барем привремено да бидат отфрлени како доказ во предметот познат како насилство пред општината Центар. Привремено е затоа што тимот на Катица Јанева имаше право и се жалеше до Апелациониот суд против таквата одлуката, за што се уште чекаат одговор.

Зошто, и по неколку месеци, Апелација не зазема став, дали прислушуваните разговори можат или не можат да бидат доказ во случајот против Никола Груевски? Јавноста досега нема добиено официјален одговор. Но, добра претпоставка е овој документ, кој е дел од пресудата токму на Апелациониот суд за случајот „Шпион“.

Кога дел од осудените за шпионажа се жалат на првостепената пресуда, во своја полза го користат аргументот дека главните докази против нив се телефонски разговори кои незаконски и без нивно знаење ги снимал првообвинетиот Марјан Ефремов. Дека тој, сторил кривично дело- неовластено прислушување и тонско снимање. Бидејќи доказите се прибавени на незаконски начин, бараат да бидат отфрлени и тие и пресудата заснована врз тие докази.

Но, Апелациониот суд не им го прифаќа барањето. Објаснувањето е дека доказите се само незаконски создадени што и не толку важно. Важно било дека се законски прибавени, бидејќи МВР имал соодветни судски налози кога ги открил разговорите при вршење претреси.

„Треба да се прави разлика помеѓу начинот на создавање на доказите и начинот на нивно прибавување. Законитоста во поглед на кој начин обвинетиот Ефремов ги создал доказите со неовластено снимање на разговорите со неговите соговорници воопшто не ја доведува во прашање законитоста на истите, бидејќи тие се прибавени на законит начин, согласно одредбите од ЗКП за прибавување докази.“- пишува во пресудата на Апелациониот суд за жалбите на дел од осудените.

Пресудата за „Шпион“ на  Апелациониот Суд значи дека, ако второстепениот суд ја следи својата пракса, тогаш би требало да ги дозволи прислушуваните разговори како доказ против обвинетите за насилството во Центар. Бидејќи, независно дали се снимени незаконски, јавноста е сведок дека Специјалното јавно обвинителство ги обезбеди прислушуваните разговори на законит начин. Со официјални барања до Јавното обвинителство на Република Македонија и до политичката партија СДСМ.

Но, можеби и затоа сега е потребно Врховниот суд да воведе нова пракса, па Апелација да има аргумент да го смени своето мислење и судењето против Никола Груевски и другите да продолжи без прислушуваните разговори како доказ против нив.

Извор: 360 степени

Слични содржини