Трагедијата што ги потресе Тетово и пошироката јавност, во којашто животот го загуби 33 годишна родилка поради нестручно породување, е уште еден силен аларм за нефункционалноста на здравствениот систем во Македонија.

Сведоци сме на повеќе смртни случаи на родилки и новороденчиња за време на актуелната власт.

Во Битола, млада жена го загуби животот за време на царски рез. Родилка од Велес умре на породување.

Бебе во Прилеп почина 60 часа по породувањето, откако примило вакцина во заспана состојба. Брзо по раѓањето починаа новороденчиња од Студеничани и Шуто Оризари…

Недозволиво е во 21-от век да умираат новороденчиња, да умираат млади жени во породилиштата, да оставаат деца сирачиња, а од друга страна да се повикува на зголемување на наталитетот и многудетни семејства од страна на неодговорната власт.

Фотографиите од породилиштата низ Македонија, коишто изминатиов период ги преплавуваат медиумите, покажуваат стравични, нехумани и нехигиенски услови каде што на свет доаѓаат новороденчиња.

Секоја недела во тетовската болница се води постапка за некој лекар, граѓаните постојано пријавуваат нови случаи, призна директорот на тетовската болница Фљорим Бесими.

Ова е доволен доказ, дека покрај индивидуалната одговорност кај нестручни или несовесни кадри, постои и институционална системска вина што ја дозволуваат министерот за здравство Никола Тодоров и премиерот во заминување Никола Груевски.

Наместо да ги напнуваат граѓаните со медиумските кампањи, потребно е на граѓаните да им се обезбедат нормални животни услови.

За тоа да се случи, 10-годишната неодговорна власт мора да си замине.

Форумот на жени на СДСМ сочувствува со сите семејствата каде што има ваква трагедија.

СДСМ порачува дека институциите на системот ќе профункционираат и одговорност од надлежните ќе има.

Слични содржини