vmro2

Денешната изјава на Зоран Заев е само празен и несериозен обид да се оправда за финансиско коруптивните криминални случаи и аферата „Пуч“ во кои е заглавен, реагира ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Зоран Заев дадена пред Јавното обвинителство.

Сигурни сме дека по некое време самиот Зоран Заев ќе се демантира како што до сега се демантираше за се што кажа. Не е суштината во тоа дали ќе се поднесат 1.000 или 2.000 страници хартија, туку дали тие имаат или немаат правна основа и аргументација, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

За случаите кои се водат пред надлежните инстиутуции, се додава во текстот, против Зоран Заев постојат непобитни докази, факти, признанија и правни аргументи.

Креираните материјали кои Заев очајно се обидува да ги прикаже како докази, се нелегално прибавени, преку противзаконско прислушкување кое го спроведувале неговите соработници на чело со Зоран Верушевски, а во соработка со странски служби. Тоа им е јасно на сите граѓани. Ова е факт кој Зоран Заев со ниту една монтажа или манипулација не може да го побие, се наведува во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ, првото тврдење на Заев, кое беше главен столб на кој го потпираа своето сценарио, дека Груевски и Мијалков прислушувале, пропадна.

Сите видоа дека е лага и дека всушност државниот врв е прислушуван, стои во текстот и се додава дека Заев се обидува да си пронајде нова патека за да излезе од калта.

Како што се наведува во соопштението, јасна е намерата на Заев да продолжи да го спроведува своето деструктивно сценарио со креирање дестабилизација, дигање тензии па дури и поттикнување насилство, само за да дојде на власт./МИА

Слични содржини