Врховнте судии на 19 јуни ќе расправаат за притворите на Темелко и Талески

од desk3

На 19 јуни Врховниот суд ќе расправа за законитоста при определувањето притвор за градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко и за одлуката за притвор на градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески, и двајцата осомничени од СЈО во случаите „Титаник“ и „Транспортер“.

 Во март Врховниот суд веќе донесе одлука за предметот со Темелко. Но, за Јово Вангеловски, претседателот на Врховниот суд, оваа одлука не влегла во нивниот, т.н. АКМИС систем, па сега одлуката треба да се верифицирана со повторно разгледување на предметот. Темелко е еден од осомничените во истрагата на СЈО за случајот „Титаник“ за наводните изборни нерегуларности во 2013 година.

Кривичниот совет на Врховниот суд во март одлучил дека лишувањето од слобода на осомничениот градоначалник на Пустец Едмонд Темелко на 12 февруари лани, на барање на Специјалното јавно обвинителство, било законско.

„Врховниот суд смета дека обвинителот од Специјалното јавно обвинителство правилно го применил законот, бидејќи станува збор за специфична постапка. Осомничениот има двојно државјанство, два пасоша, македонски и пасош на Република Албанија, па оттаму основани се  сомневањата на обвинителот за опасност од бегство, дека можеби ќе станел несдостапен и нема да даде изјава“, објаснуваа врховните судии кои ја донеле одлуката во корист на СЈО.

За одлуката за притворот на градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески, некој проценил дека тоа решение било донесено во „непрописен совет“, односно судијата Јани Нича одлучувал во Кривичниот суд за предметот, а потоа станал судија во Апелација каде што повторно бил дел од судиите што одлучувал по предметот.

Талески е првоосомничен во случајот на СЈО „Транспортер“ за злоупотреби и за малверзации со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра. Тој беше во куќен притвор, а потоа по барање на СЈО двапати му беше продолжен притворот

Врховниот суд лани во октомври ја прифати жалбата на СЈО и го укина решението на Апелацискиот суд, па го врати предметот за притворот на Талески на повторно одлучување.

„Во Врховниот суд на Република Македонија е заведен предмет Вкж 1 бр.21/2016 по повод жалба против решението на Апелацискиот суд Скопје Ксж бр.431/16 од 19 септември 2016 година, со кое е одбиен предлогот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за продолжување на мерката куќен притвор за лицето Владимир Талески. Поднесената жалба е уважена, а решението на Апелацискиот суд Скопје е укинато и предметот е вратен на повторно постапување“, соопшти тогаш Врховниот суд./24Вести

Слични содржини