За шундот во политичките комуникации

од Vladimir Zorba

„Mинистерот стана утрово порано и пристапи кон мочање. Со задоволство ја информираме јавноста оти млазот е силен и прав, соопштија од кабинетот”. Звучи непријатно, како „Ти си Македонија, пристапи кон правење трето дете”

Живееме во време на обид за опоравување на дискурсот на политичката комуникација од претходните еклатантни злоупотреби. Но, ова треба да биде шанса тоа поле да го поправиме како што треба, а не да го однесеме во друга крајност. Тој процес е комплициран, чувствителен и недефиниран, дури и во светската пракса, затоа треба да биде предмет на посериозна стручна дебата и анализа.

Кога зборуваме за политичка пропаганда, ние не зборуваме за реклами или за ПР, односно предметот на злоупотреба не е врзан за каналот или методот на комуникација, туку за нејзината содржина и цел. Наједноставната разлика помеѓу нормалната инклузивност и партиципативност на граѓаните, и пропагандата, е што првите имаат за цел да ги информираат и промовираат политиките и институциите, а второто има за цел да ги промовира политичарите. Во основа, се работи за злоупотреба каде политичката комуникација промовира став наместо политики, промовира личност или партија наместо институција или реформа, го застапува партискиот а не државниот аргумент, а најмногу, ја злоупотребува позицијата за промоција на политичарот. Овие злоупотреби еднакво можат да се прават и со платено рекламирање, како и со злоупотреба на државните сектори за односи со јавност. Во таа смисла не е добро решение едното да се замени со другото, а таква тенденција забележувам. Гледам повеќе млади, надобудни, јапи министри, кои мислат дека социјалните медиуми на институцијата, па и нивните, како министри, се огласна табла за секоја, па и најнеприкладната, партиска или лична активност. Така, навлечени на камери и публицитет, тие прават политичката комуникација на нивната позиција да работи за нив самите, наместо за граѓаните. Тоа е исто така пропаганда, без оглед на тоа што се одвива на социјални медиуми преку ПР, наместо, како претходно, на телевизија преку платени реклами. Дечки, ако скапата продукција со студиските камери и платените спотови сте ги замениле со снимање со мобилен и постирање на facebook, не значи дека сте ја елиминирале пропагандата – таа се содржи во политичкиот вкус, а не во механиката на пласман.

Злоупотреба на политичката комуникација

Во таа смисла, мислам дека категоричниот став против владино рекламирање не е најдобриот начин да спречиме злоупотреба на политичката комуникација. Постојат повеќе примери за тоа како се регулира прикладноста на овој процес, од кој можеби најблискиот ни е оној на GCS од Велика Британија, каде има вистински баланс помеѓу неопходноста на вклучувањето и учеството на јавноста, и злоупотребата во политички цели. Поентата е дека, изгорени од претходната власт, ризикуваме да направиме реформа во тој дел која нема да биде суштинска, туку само ќе не однесе во нова крајност, сега врзана за придобиен, наместо за платен, публицитет. Оваа реформа не треба да се фокусира на каналите и методите, туку на суштината на комуникацијата. Постојат, на пример, безброј легитимни причини за реклами спонзорирани од владата, и безброј нелегитимни причини за владини соопштенија, без оглед што едното го нарекуваме рекламирање, а другото не, што едното е анатемисано а другото дозволено. Затоа, проблемот треба да се разликува холистички, и од сосема друга перспектива освен онаа симплифицираната – нема реклами.

Медиумите, исто така, се дел од тој заробен круг. Во трката по брза информација, стануваат зависни од официјални извори, што владините „пропагандчици” го злоупотребуваат за да ги преплават со бесмислени, нерелевантни информации кои го монополизираат медиумскиот простор, а не носат никаков квалитет во јавното информирање. Кој со кого појадувал и кој спортски натревар го следел, не е валидна вест, и покрај тоа што доаѓа од официјален извор.

Медиумите – жртви и соучесници

Затоа, реформите во овој сегмент не се само реформи на институциите, ниту пак се реформи на медиумите. Медиумите се овде жртви, иако се соучесници. Така, мислам дека треба да ја реобмислиме оваа реформа како процес на сеопфатно дефинирање на политичката комуникација и нејзината прикладност, која во себе ќе вклучува и кодекс на правила за комуникација со јавноста, кој не треба нужно да биде врзан за методот на комуникација, дали е таа платена или не, ниту за каналот преку кој се извршува. На пример, било каква реформа на тој процес без сериозна анализа на социјалните медиуми е беспредметна.

Најголемиот проблем, не само македонски, е што не постои рамка која би дефинирала што е прикладно комуницирање а што е непотребна пропаганда која не е во интерес на граѓаните, бидејќи како што во последно време се брише линијата помеѓу приватното и политичкото, така станува сива и линијата на прикладност помеѓу нормалната политичка комуникација и сувата пропаганда. Понатаму, не постои ни јасна поделба која содржина е прифатлива, а која не е. За жал, иако постојат принципи кои можат да се инсталираат во системот, овие работи сепак ќе мора конечно да останат прашање на добриот политички вкус. Знаејќи го нивото на тој вкус кај нас, ќе се изнагледаме и изначитаме шунд.

Петар Арсовски

Извор: Дојче веле

Слични содржини