Заев: Ги приближуваме ставовите околу ресорите, сите даваме предност на квалитетот на кадрите!

од Vladimir Zorba

 

 

Разговараме за распределбата на политичките субјекти и граѓанскиот сектор од аспект на распределбата на ресорите. Ги приближуваме пополека ставовите. Верувам дека меѓу самите политички партии ќе има средби и состаноци коишто се потенцијални наши партнери., изјави мандатарот Зоран Заев по средбата со Али Ахмети во Мала Речица.

Ние продолжуваме вечерва, веројатно ќе се видиме и со БЕСА, до вечер, како една втора средба. Така да, интензивно работиме, сигурно средбите ќе траат до касно во ноќта. Конечна цел е да ги скратиме максимално можно деновите за постигнување на договор.

 

Новинарски прашања

 

П1: Дали тоа значи дека утре ќе го поднесете предлогот до Собранието? 

Верувам дека и најголемите оптимисти не може тоа да го очекуваат. Знаете дека се пресериозни работите, многу ни е важен квалитетот на луѓето, а уште не сме ги отвориле имињата. Генерално рековме до каде има подгпотвеност околу ресорите, но целото тоа може да ни падне во вода ако се нема квалитетни кадри. Квалитетот е пред `се и мене ми е драго што сите потенцијални партнери во новото парламентарно или владино мнозинство му дават предност на квалитетот на кадрите.Тоа е најважниот дел. Нема сигурно да не успее коалиционата соработка и договор заради ресор повеќе или помалку. Многу се важни имињата. Ако има квалитетни имиња верувам дека тоа ќе ни помогне на сите за да конечно го заокружиме пакетот.

 

П2: Дали БЕСА и Алијансата влегуваат во новата Влада?

Ние разговараме со сите. Наша цел е сите 67 потписи коишто ги крепат партиите позади коишто стојат да бидат дел од новата Влада. Шансите се отворени кон сите политички партии, верувам и нивните шанси кон нас се отворени. Тоа е взаемно помеѓу сите партии. Моја желба е, како што реков, сите 67 пратеници да стојат зад новото парламентарно мнозинство.

 

П3: А претходно на средбата со Села дали имаше некакви барања од негова страна и кои се тие принципи за коишто велите дека разговарате по секоја средба со партиите?

Еве, само неколку ќе наговестам заради тоа што сеуште се пеглаат до крај сите. Европска Унија и НАТО, владеење на правото и враќање на правната држава, целосна реализација на Охридскиот рамковен договор, чесност, транспарентност и одговорност на власта, консензуалност во одлучувањето, меѓусебно градење на стратегијата на партнерите пред секои важни одлуки без разлика во Парламентот или во Владата, отчетност и дефинирање на едно општество важно за сите. Има таму уште неколку важни принципи, во тој правец се сите овие работи. Партиите мора да подлегнат на целосна законска проверка, на свое финансирање, нема заштита на ниту еден наш член ако сакаме да ја вратиме правната држава. Верувајте дека ако сега ги поставиме здравите темели, тоа што е важно за граѓаните, ќе ни биде од помош и на нас политичарите.

 

П4: Претходно Села потврди дека има одредени барања. Дали ви ги соопшти барањата?

Логични се. И ние имаме спрема Зијадин Села и тој има спрема нас, како што ние имаме спрема БЕСА и тие имаат спрема нас, и ние спрема ДУИ, и тие спрема нас. Тоа е логично во целиот тој дел. Јас сум среќен, како што реков, на сите главниот интерес се граѓаните и Р.Македонија.

 

Слични содржини