Заев и Ципрас во потрага по внатрешен консензус за името

од desk2

Македонскиот и грчкиот премиер денеска и утре одржуваат консултации во рамките на своите владини коалиции и со опозицијата во обид да изнајдат внатрешен консензус за решавање на деценискиот спор.


Алексис Ципрас и Зоран Заев испратија позитивни пораки од Давос, но сега ги очекува клучната задача во обид да изнајдат решение за спорот за името: информирање и убедување на домашните фактори во двете земји за потребата од консензус. Грчкиот премиер прв тргна во „офанзива“ откако утрово најпрво го информирал коалицискиот партнер Панос Каменос- лидерот на Независни Грци и министер за одбрана- околу текот на разговорите со Заев во Давос. За попладнево Ципрас закажал состанок на неговиот кабинет на кој е повикано целото раководство на политичкиот оддел во Министерството за надворешни работи. Состаноците ќе финишираат вечерва со среда на Ципрас со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос. Утре, грчкиот премиер ги повика на разговори лидерите на другите политички партии во парламентот.

 

Грчката црква поделена околу спорот

Истовремено, денеска се состанува и Светиот синод на Грчката православна црква. Тема на дискусијата се протестите во Солун од неделата, и планираните демонстрации во Атина за 4 февруари. Во ГПЦ веќе се јавуваат првите „пукнатини“ и поделби во однос на спорот за името и реакциите во грчката јавност. Здружените на грчките свештеници веќе објави дека јавно го поддржува протестот во Атина, и покрај тоа што поглаварот на ГПЦ Јеронимос претходно се спротивстави на такви форми на отпор. „Единство, а не протести и извици“, изјави Јеронимос по средбата со премиерот Ципрас на почетокот на месецов. Итната средба на Синодот, според наводи во грчкиот весник Катимерини, се одржува токму на барање на

Јеронимос. Претходно, солунскиот епископ Антимос, кој беше еден од главните говорници на протестот во Солун, ја повика ГТЦ да го преиспита својот став околу спорот за името и рече дека Црквата никогаш не смее да се согласи на сложено име кое ќе го содржи зборот „Македонија“, во името на соседната држава.

Скопје трага по консензус

Консензус околу спорот утре во Скопје ќе гради и македонскиот политички и државен врв. На иницијатива на министерството за надворешни работи на средбата се повикани претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, првиот човек на ДУИ Али Ахмети и министерот Никола Димитров. Во изјава за грчка телевизија, Мицковски деновиве изјави дека „ги охрабрува македонскиот и грчкиот премиер да најдат решение за спорот“.

Останува отворено прашањето какви ставови во врска со спорот имаат шефот на државата Иванов и ВМРО-ДПМНЕ. Најголемата опозициска партија деновиве ја поздрави средбата на Заев и Ципрас, но притоа го критикуваше премиерот поради најавата за промена на имињата на автопатот и аеродромот, а дополнително и поради тоа што ниту еднаш не ја спомнал придавката македонски во изјавата./DW

Слични содржини