Јаневски: Арсовска сака избори за нови советници кои ќе работат за нејзин личен интерес

од Nikola Popovski

Градоначалничката Данела Арсовска не сака избори за нови советници кои ќе работат во интерес на граѓаните, таа сака избори за нови советници кои ќе работат за нејзин личен интерес, вели во изјава за „Локално“, член на Советот на Град Скопје од партијата „Глас за Македонија“, дел од коалицијата за „Обнова на Македонија“, Филип Јаневски.

Советникот е дециден дека Советот не треба да биде гласачка машина која ќе даде бланко поддршка на секој предлог на градоначалникот, туку негов коректор и контрола.

-Со оглед на тоа што Советот воопшто не е консултиран околу креирањето на буџетот на Град Скопје за 2023 година, може да се заклучи дека госпоѓата Арсовска на Советот гледа како на гласачка машина!, порачува Јаневски и додава:

-Како советник секогаш ќе дадам поддршка за секој проект кој е дел од програмата “За модерно Скопје” и е во интерес на граѓаните и ќе дејствувам во насока на подобрување на квалитетот на одлуките кои ги носи Советот, потенцира советникот.

Арсовска во дебатна емисија порача дека доколку не биде изгласан буџетот за 2023 година, може да се оди на избори за Советот како што беше случај во Општина Тетово.

Таа притоа додаде дека не размислува да поднесе оставка.

-Доколку советниците одлучат дека не треба да поддржат функционален буџет за граѓани, за реализација на проектите и за модерно Скопје, тогаш, по автоматизам, нивниот мандат престанува и ќе си одат на локални избори и ќе си дојдат советници кои ќе работат во интерес на граѓаните. Меѓутоа, мој личен впечаток е дека таму има искусни луѓе, и во политиката и како советници, и никој не би понел таква политичка штета по нив, посочи градоначалничката.

Н.П.

Слични содржини