📷Пронајден нов балкански рис кај Стража

од Nikola Popovski

Македонското еколошко друштво (МЕД) утрово информираше дека во рамки на активностите за заштита на балканскиот рис, лоцирана е уште една рисица. Животното е пронајдено во кафез-замката која била направена минатата недела, а поставена пред само три дена.

Од МЕД истакнуваат дека рисицата Луна била лоцирана на планината Буковиќ, во близина на Стража.

-Тешка е 16 килограми и е во одлична здравствена состојба. Откако беа направени потребните прегледи и ѝ беше поставен околувратник преку кој ќе го следиме нејзиното движење, таа беше пуштена на слобода, истакнаа од МЕД.

Балканскиот рис сѐ уште е критично загрозен. Станува збор за околу 50 возрасни единки во целиот Југозападен Балкан. Во Македонија има најмногу, можеби 30-40 возрасни единки, додека ситуацијата во Албанија и на Косово е навистина критична.

Најмногу рисови има во националниот парк Маврово и во негова непосредна близина. Утврдено присуство има и на Јасен, Пелистер, Јабланица, Сува Гора, Челоица, Стогово, Караорман, во јужните делови на Шара, Илинска и Плакенска Планина, бидејќи овие ретки животни претпочитаат планински терени со шумска вегетација.

Слични содржини