1500 војници од С. Македонија, Бугарија, САД и Грција ќе учествуваат на воена вежба на Криволак

од Nikola Popovski

Околу 1500 припадници од САД, Грција, Бугарија и Северна Македонија ќе учествуваат на вежбата „Одлучен удар 21“ која од 17 мај до 02 јуни ќе се реализира на армискиот полигон Криволак. На денешниот брифинг на кој учествуваа и министерката Радмила Шекеринска, началникот на Армијата, генералот Васко Ѓурчиновски, и командантот на Командата за операции, генералот Павле Арсоски, новинарите беа брифирани за сите аспекти и значењето на вежбата.

„ Нашите амбициозни планови за Криволак се покажа дека биле оправдани и реални. Денеска можете да видите дека полигонот Криволак навистина прераснува не само во национален и регионален, туку и вистински НАТО капацитет. Во овој момент кога на европскиот континент се спроведува вежбата од над 20.000 припадници на сојузничките сили „Defender Europe 21“ а токму денес на Криволак завршува една вежба од таа серија „Trojan Footprint 21“ и во понеделник веќе почнува вежбата за која денес ве брифиравме „Одлучен удар 21“. И двете вежби, но особено „Одлучен удар 21“ каде што повеќе од 1000 припадници ќе бидат присутни на Криволак и ќе работат на зголемување на интероперабилноста и на нивните капацитети, се доказ дека и покрај пандемијата Алијансата покажува и резултати и волја да соработува и да ја развива интероперабилноста“ истакна министерката Шекеринска.

Шекеринска упати честитки до планерите на оваа вежба, им посака добредојде и успешна реализација на вежбата на сите припадници од САД, Грција, Бугарија и Северна Македонија кои учествуваат на вежбата и порача дека оваа вежба ја испраќа пораката „Заедно сме посилни, заедно можеме повеќе“.

„За оваа вежба да се спроведува во ваков обем, со ваква големина, со вакви карактеристики, помогнаа претходно инженерските сили на Армијата на Соединетите Американски Држави и на Република Северна Македонија и навистина во Криволак направија огромна градежна офанзива. Затоа денеска како дел од полигонот ја имаме и полетно-слетната писта за беспилотни летала, ги имаме и магацините коишто ќе се користат и во текот на вежбата, ги имаме подвижните и неподвижните мети кои даваат многу поголеми капацитети за извежбување. Имаме целосно заокружена патна инфраструктура од околу 60 километри. И сето тоа врз база на наши ресурси и врз база на сојузничка поддршка и соработка.Во изминатиот период нашите сили работеа и градеа заедно. Сега, во следниов период ќе вежбаат заедно. Сето тоа со цел да можат да дејствуваат и да се одбранат заедно“ рече Шекеринска.

Директорот на вежбата полковник Блаже Николовски потенцираше: „Вежбата „Одлучен удар“ е извонредна можност за јакнење на нашата интероперабилност со останатите земји учеснички на вежбата и наши сојузници од НАТО Алијансата, зголемување на нашата борбена готовност и секако потврда на нашите напори за трансформација на Армијата.“

Одбранбеното аташе на САД, полковник Питер Рауел упати благодарност до министерката Шекеринска за посветеноста и лидерството за развој на овој армиски полигон во еден модерен светски полигон кој ќе послужи не само за обука на македонските припадници туку и за одржување на поголеми и посложени вежби со САД и останатите сојузници во НАТО.

„Вежбата е еден силен пример како Северна Македонија е подготвена да работи заедно со Соединетите Американски Држави и другите НАТО сојузници и нивните војски, со цел да ги адресира идните закани и да покаже како Северна Македонија веќе придонесува на Алијансата – рече Рауел .

На денешниот брифинг учествуваше и професорот Дејан Мираковски од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип кој потенцираше дека повеќегодишната соработка меѓу универзитетската лабораторија „АМБИКОН“ и Министерството за одбрана продолжува и овој пат. Тој информираше дека во периодот додека трае вежбата преку мерни станици ќе се врши мерење на квалитетот воздухот.

„Лабораторијата АМБИКОН инсталира и ќе обезбеди периметарски мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух во периметарот на полигонот Криволак за целиот период на одвивање на вежбата почнувајќи од денес до завршувањето. Системот ќе овозможи следење на концентрациите на суспендирани цврсти честички во реално време на две локации и на една локација ќе бидат земени примероци од суспендирани цврсти честички за одредување на нивните концентрации, но и за хемиска анализа на истите. Резултатите веднаш по завршување на вежбата ќе бидат во форма на извештај, презентирани на јавноста“ – изјави Мираковски.

Слични содржини