20 милиони евра долг за струја имаат државните институции кон ЕВН

од Vladimir Zorba

Државните институции, јавните претпријатија и општините должат над 20 милиони евра за струја. Долгот е направен во последната година и повеќе. Причината за огромниот долг кои дополнително вршат притисок на ликвидноста на компаниите е високата цена на струјата која во 2021 година имаше огромен раст од на 100 отсто на светските берзи.

Според информациите, меѓу најголемите должници се Министерството за здравство, неколку јавни претпријатија и општините. Според најавите должничката криза би требало да се разреши по одлуката на Владата.

Имено Владата на последната седница ги прифати заклучоците на Министерството за финансии со кои се задолжуваат буџетските корисници од централната власт, во најкраток временски рок да ги подмират заостанатите обврски за потрошена струја и во утврдените рокови да ги плаќаат фактурите.

Се препорачува и единиците на локална самоуправа и институциите, согласно нивната надлежност, да ги подмират заостанатите сметки.

За да ја ублажи кризата Владата на последната седница ѝ одобри 2,9 милијарди денари или околу 47 милиони евра на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), компанијата во државна сопственост, за справување со кризната состојба во снабдувањето со струја.

Од владината прес-служба по седницата информираа дека се задолжува ЕСМ овие пари да ги искористи за реализација на мерките за обезбедување дополнителни количини на електрична енергија. Одобрено е ЕСМ да овозможи ЕВН одложено да ги плати сметките на доспеаните фактури за декември и јануари до 01.07.2022 година.

Слични содржини