5 тврдења за изборна кражба во Америка – што велат фактите?

од Vladimir Zorba

И додека претседателот Доналд Трамп и неговиот тим продолжуваат со напорите да го оспорат резултатот од изборите, кои докази постојат за тврдењата што ги даваат?

Некои од овие прашања беа истакнати и на прес-конференција во четвртокот со која претседаваше адвокатот на претседателот, Руди Џулијани.

Би-Би-Си ги анализира главните обвинувања изнесени за изборни кражби и нерегуларности.

Тврдење бр. 1: Необјаснети скокови по бројот на демократски гласови

Претседателот Трамп и другите упатија бројни обвинувања за тоа како гласовите за неговиот ривал Џо Бајден одеднаш се појавија во голем број за време на процесот на пребројување.

На својата прес-конференција на 19 ноември, Џулијани го повтори тоа тврдење, сугерирајќи дека илјадници дополнителни гласачки ливчиња пристигнаа во центарот за броење во Детроит рано наутро.

Забелешките на Џулијани се засноваат на тврдењето на еден работник од местото на гласање.

Таа наведува дека видела две комбиња, наводно, за испорака, но „не забележала дека од нив се вади храна, и сосема случајно беше објавено на веста дека повеќе од 100.000 нови гласачки ливчиња пристигнале во Мичиген – дури ни два часа по заминувањето на последните возила“.

Сепак, ова тврдење – исто како и другите обвинувања – беше одбиено со судската одлука од 13 ноември, а судијата објасни дека не е веродостојно.

Слични тврдења од републиканската страна за ненадејни скокови на бројот на гласови за демократите веќе се изнесени на клучни изборни боишта, што имплицира дека тоа може да биде кражба.

Но, во некои случаи, ова се објаснува со откриени административни грешки или софтверски грешки, кои се поправени во меѓувреме.

Исто така, вреди да се спомене дека гласачките ливчиња што пристигнаа по пошта, беа користени во рекорден број на овие избори, во огромното мнозинство случаи беа за Бајден.

На нив им требаше подолго време да се избројат, а резултатите беа сумирани и објавени во сегменти по денот на изборите, што ги објаснува ненадејните скокови на бројот на гласови за Бајден.

И не е точно дека сите дополнителни гласови беа за Бајден – некои од нив беа за претседателот Трамп.

Тврдење бр. 2: Блокиран пристап до броењето

Претседателот Трамп и неговиот правен тим протестираа против наводно забранетиот пристап на републиканските контролори до гласачките места во некои градови под контрола на демократите, како што се Филаделфија или Детроит.

Контролорите се лица на кои им е дозволено да бидат на гласачките места и да го следат пребројувањето на гласовите, со цел да се обезбеди транспарентност.

Тие се дозволени во повеќето држави сè додека се регистрирани пред денот на изборите и обично се поврзани со некоја партија.

На некои места, нивниот број е ограничен, делумно поради капацитетот на просторот за време на епидемијата на коронавирус.

Но, на контролорите од обете партии им беше дозволено да го набљудуваат пребројувањето на гласовите и во Детроит и во Филаделфија.

Во Детроит, повеќе од 130 набљудувачи кои ги претставуваа и демократите и републиканците, можеа слободно да влезат во просторот за броење.

Во Пенсилванија, проблемот беше изнесен пред државниот врховен суд, кој на 17 ноември донесе одлука дека претставниците на Филаделфија не го кршат државниот закон кога ограничуваат колку контролори можат да стојат близу до процесот на пребројување на гласачките ливчиња.

Тврдење бр. 3: Гласовите сменети од Трамп за Бајден

Адвокатскиот тим на претседателот Трамп го повтори и тврдењето дека има проблем со системот на гласање што се користи во некои земји, а кој наводно дозволувал милиони гласови да бидат префрлени од негова, на сметка за Бајден.

Нема докази за ова, а правниот тим на претседателот не успеа да презентира ниту еден.

Претседателот всушност ги повторува обвинувањата изнесени во конзервативната медиумска мрежа One American News Network (OANN) за машините за гласање „Доминион“, кои беа широко користени низ САД на овие избори.

Во извештајот на „OANN“ се споменува „неистражена анализа на податоци“ добиена од група за набудување на изборите, наречена „Едисон Рисрч“, што наводно посочува дека биле променети милиони гласови.

Сепак, претседателот на компанијата, Лери Росин, рече: „Едисон Рисрч“ не издаде таков извештај и немаме докази за каква било кражба на избори“.

Доминион компанијата издаде соопштение во кое се вели: „Тврдењата дека Доминион сменил или избришал гласови се 100 проценти неточни“.

Тврдење бр. 4: Машините за гласање во сопственост на демократите

Претседателот Трамп рече дека „радикалната левица е сопственик на системот за гласање Доминион“, а неговиот правен тим ги посочи врските со Бил и Хилари Клинтон и другите демократски политичари.

Во изјавата, системот за гласање Доминион наведе дека тие се непартиска американска компанија која нема никакви сопственички односи со Клинтон или со истакнатиот демократски политичар Ненси Пелоси.

Важно е да се истакне разликата помеѓу директната сопственост на Доминион, како што тврди претседателот Трамп, и донациите направени од компанијата за филантропски или лобистички цели.

Доминион досега донираше и на републиканците и на демократите, но не е невообичаено компанија како оваа да лобира за владини договори на овој начин.

Доминион донираше во фондацијата Клинтон во 2014 година, но компанијата донираше и на лидерот на мнозинството републиканци во Сенатот, Мич Меконел.

Гласините за претседателот на Претставничкиот дом, Пелоси, доаѓаат од фактот дека нејзиниот поранешен шеф на протокол, Надим Елшами, беше ангажиран од Доминион – но компанијата претходно ангажираше вработени поврзани и со Републиканската партија.

Тврдење број 5: Илјадници мртви гласаа

Претседателот Трамп и неговите следбеници рекоа дека масовно се гласало во име на мртвите – откако илјадници гласаа во клучните држави.

Проучивме список од 10.000 луѓе во државата Мичиген за кои се вели дека се мртви и гласале – и откривме дека тој список е крајно погрешен, пишува Би-Би-Си.

Истрагите на другите списоци на „мртви гласачи“ дошле до слични заклучоци – немаше докази дека има широко распространета измама преку гласачките ливчиња доставени во име на мртвите.

Водителот на „Фокс Њуз“, Такер Карлсон се извини откако ги повтори тврдењата на кампањата на Трамп и издвои „мртов гласач“ од Џорџија, за кој подоцна се покажа дека е жив.

Имаше повремени случаи на навидум гласање на мртви на изборите во САД, но доказите сугерираат дека ова не е раширен проблем.

Ова често се должи на административна грешка кога се примаат легитимни гласови во системот или можеби други членови на семејството со слично име гласаат со погрешно гласачко ливче.

Слични содржини