Бојкотот не е опција: „Тешко е да се организира граѓаните да гласаат за парламентарните избори, а да не заокружат никого од претседателските кандидати“

од Nikola Popovski
712 прегледи

Црни сценарија за бојкот или топење на разликата? Ваква дилема преовладува во јавноста по исходот од првиот круг на претседателските избори во кој кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова е пред кандидатот на СДСМ и шеф на државата, Стево Пендаровски со 180 илјади гласови разлика. Од штабот на Пендаровски и владеачката партија не се откажуваат од борбата и најавуваат пресврт во вториот круг, како и победа на парламентарните избори. Димитар Ковачевски бара приврзаниците на СДСМ да разговараат со своите пријатели и сограѓани и да им кажат дека разбрале каде згрешиле и најави посета на секоја куќа и стан за да продолжи борбата за европска Македонија. Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со свои прогнози, но и информации за тоа што би се случувало на 8 мај. Според него, се коваат планови за црни сценарија.

„Излезот власта го гледа во две работи. И двете се губитнички сценарија. Првото е бојкот на изборите каде што најисправниот одговор треба да биде излезноста и масовноста на овие избори. Второто сценарио е играњето со белезите на Македонија и великодушните понуди што овој пат ги добива ДУИ за сметка на Македонија од СДСМ за еден партнерски настап и взаемна поддршка на изборите“, кажа вчера Мицкоски.

Дали бојкотот е опција или ВМРО-ДПМНЕ дополнително ги мотивира своите гласачи?

Познавачи на состојбите не веруваат во бојкот на 8 мај. Сепак, според политичкиот аналитичар, Берат Азизи, сега сите карти се во игра и Мицкоски и другите ги користат овие карти за да го мотивираат гласачкото тело да излезе на гласање што помасовно.

Берат Азизи

-Не се реални најавите на ВМРО-ДПМНЕ за бојкот од некоја партија бидејќи тие имаaт убедлива предност спрема противкандидатот. Хипотетично кажано и Албанците да гласаат, Пендаровски нема да ја достигне таа бројка што ја има Силјановска-Давкова. Се прават анализи за бојкот само на претседателските избори, ама според мене не игра некоја важна улога бидејќи првиот круг помина мирно и сите ги прифатија резултатите, вели Азизи во разговор за „Локално“.

Оценува дека ако СДСМ и ДУИ го бојкотират вториот круг на изборите за престедател, тоа не би значело нешто посебно, почнувајќи од фактот дека СДСМ на првиот круг има помалку гласови и може да ја користи како алиби.

-А за ДУИ не верувам. Нема зошто да ги бојкотираат бидејќи тие имаат добар резултат. ДУИ може да не повикува за поддршка на еден од кандидатите и граѓаните самите да гласаат за некого. И ЕУ верувам дека нема до го поддржи евентуалниот бојкот. Ако имаме најава за бојкот на парлемнтарните избори, тоа е нешто друго и многу покомплицирано, тврди Азизи.

На прашањето дали Мицкоски сега има право да обвинува на бојкот, со оглед на минатото кога се работеше за рефендумот и пописот, аналитичарот објаснува дека сега во политиката секој има право на изјави.

-Секој може да повикува на бојкот или да не бојкотират кога се знае дека процесите ќе течат. Референдумот и пописот беа бојкотирани од страна на ВМРО, но процесите не можеа да се спречат и овој пат мислам ќе биде исто, смета Азизи.

Со сличен став е и новинарот и аналитичар, Љубиша Николовски. И тој не очекува ниту од СДСМ ниту од ДУИ да одат бојкот во вториот изборен круг за претседател и дека граѓаните би биле на таков начин масовно инструирани да излезат на изборите и да гласаат за парламентарните избори, а да не заокружат никого од листата за претседателските кандидати.

Љубиша Николовски

-Прво од аспект дека тоа е тешко да се организира, а уште повеќе што свесноста за стабилноста на државата е верувам поважна од било каков дефетизам на партиите и нивното задоволство или незадоволство од изборите, вели тој во разговор за „Локално“.

Тоа што такви мрачни мисли за црни сценарија доаѓаат од страна на ВМРО-ДПМНЕ, дециден е Николовски, е веројатно последица на праксата, оваа партија да бојкотира се што е од интерес за државата и нејзиниот европски прогрес.

До денеска до 19 часот истекува рокот за поднесување на приговори за постапката на гласање, а до полноќ рокот за приговори што се однесуваат на сумирањето на резултатите по што ДИК треба да донесе одлука во рок од 72 часа.

Како што вчера појасни претседателот на ДИК Александар Даштевски, кандидатите доколку не се задоволни од одлуката на ДИК, имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбата.

Партискиот лидер и носител на пратеничката листа во единицата кај СДСМ, Димитар Ковачевски вчера оцени дека изборите поминале во фер и демократска атмосфера. И тој се надевал на подобри резултати, но повтори дека Коалицијата што ја предводи нема да се откаже од европската иднина на земјата. Повика на обединување околу идејата за напредок, затоа што како што рече – не постои друга алтернатива за нас освен европската и затоа е потребно да се остават несогласувањата настрана, да се искористи шансата и земјата да се движи по вистинскиот курс.

Ковачевски му порача на кандидатот за претседател Пендаровски дека борбата е заедничка.

-Ќе се бориме рамо до рамо, рече Ковачевски, затоа што е ова најважната битка за иднината на земјата.

Во однос на очекувањата од вториот круг, претседателот на СДСМ одговори дека на изборите учествува за да победи и дека изборите не се Олимписки игри каде што е важно само да се учествува. Освен на победа тој се надева и на поголема излезност во вториот круг. Дотогаш рече дека со неговите сопартијци ќе ја промовираат изборната програма со цел да добијат поголема поддршка на 8-ми мај.

Н.П.

Слични содржини