АД „Пошта на Северна Македонија“ најостро реагира на изјавите и обвинувањата изнесени од страна на СДСМ, кои, како што велат, содржат неточни, тенденциозни и политички мотивирани тврдења во врска со постапката за избор на економски оператор за одржување на хигиената во објектите на Поштата.
-Овие наводи претставуваат обид за свесно дезинформирање на јавноста и грубо извртување на фактите, со цел политичка дискредитација на институција која постапува исклучиво во согласност со законите и важечките процедури. АД „Пошта на Северна Македонија“ нагласува дека постапката за избор на оператор е спроведена целосно согласно Законот за јавни набавки, врз основа на јасни, транспарентни и проверливи критериуми. Станува збор за редовна и законски утврдена постапка, предвидена во Годишниот план за јавни набавки, која во никој случај не претставува новина, ниту исклучок во работењето на институцијата, додаваат од институцијата.
Оттаму информираат дека одржувањето на хигиената во Поштата повеќе од една деценија се реализира преку надворешни оператори, поради економска неисплатливост и организациска неизводливост истото да се врши со сопствени вработени. Сите тврдења што имплицираат спротивното се неосновани и тенденциозни.
-Согласно Законот за јавни набавки, економските оператори имаат право да учествуваат индивидуално или како група на понудувачи, како и да се повикуваат на капацитетите на други субјекти, што е јасно дефинирана и дозволена законска можност. Секое претставување на оваа законска рамка како „злоупотреба“ претставува груба манипулација со фактите.
АД „Пошта на Северна Македонија“ остро ги отфрла сите инсинуации за незаконитост, фаворизирање или злоупотреба на јавни средства и најавува дека, доколку продолжат ваквите напади и ширење на невистини, ќе бидат преземени сите со закон предвидени мерки за заштита на угледот и интегритетот на институцијата, стои во соопштението.
„Пошта“ ги повикува политичките субјекти да се воздржат од злоупотреба на институционални прашања за дневно-политички цели и да покажат одговорност и почит кон јавноста и правниот поредок.
Опозицискиот СДСМ вчера излезе со прес-конференција на која тврди дека АД „Пошта на Северна Македонија“ склучила договор за хигиенско одржување и чистење со фирмата „БС Клининг увоз-извоз ДООЕЛ Скопје“, во вредност од околу 1,2 милиони евра за период од 24 месеци. Според податоците објавени во медиумите, договорот е во висина од 73.160.000 денари со ДДВ, а проценетиот приход од договорот за две години е 1.189.593 евра.
Клучната теза на СДСМ е дека фирмата, основана на 10 јули 2024 година, во моментот на аплицирање немала вработени, немала реализирани претходни договори и не го исполнувала „прагот“ што, според нив, го барала тендерската документација: минимум три претходни договори за хигиенско одржување, најмалку 50 вработени и минимални годишни приходи во последните три години. Дополнително, СДСМ посочува дека во групната понуда се појавува и подизведувач „Серта“, што, според нив, отвора сомнеж за „заобиколување“ на условите преку партнер со искуство.