Адел: Не се плашам дека луѓето ќе дознаат премногу за мојот личен живот

од Vladimir Zorba

Шест години по последното музичко истражување на душевната болка, најпопуларната светска кантавторка со новиот албум „30“ повторно ги разоткри своите емоционални маки и проживеана катарза. Овој пат по разводот.

Како и во претходните три, британската пејачка Адел и на нејзиниот нов албум, кој ќе излезе денеска, со високи тонови го прободува срцето и ја допира темата на љубовната мизерија, придружена со импресивните и возбудливи пијано аранжмани со кои стана познатa.

Првиот сингл од албумот, „Easy On Me“ владее на американските и британските топ листи веќе четири недели, потврдувајќи ја способноста на Адел да сними хит и да придобие широка публика.

Спротивно на инстантните хитови и сеприсутното медиумско присуство на кои сме навикнати во светот на попот, албумот на Адел излегува по долгогодишно затишје.

Кога таа го најави албумот оваа есен, медиумите полудеа. Таа ги освои насловните страници на списанија како „Вог“ и „Ролинг Стоун“, сними интервју со Опра Винфри и одржа концерт што на телевизија го гледаа повеќе од 10 милиони гледачи низ Америка.

Од објавувањето на албумот „25“ со мегахитот „Hello“, оваа добитничка на 15 Греми раскина со долгогодишниот партнер Сајмон Конецки, со кој во брак помина две години.

Во новиот албум таа се занимава со овој трауматичен период, откривајќи ги последиците од разводот врз неа и нејзиниот син Ангел. „Додека го снимав и го слушав албумот, знаев да си помислам „Дали за ова што пеам прелично? Дали премногу се отворам?“, рече таа во интервју за Опра.

„Но, ништо не е толку страшно како она низ што поминував зад затворени врати во последните две-три години. Не се плашам дека луѓето ќе дознаат премногу за мојот личен живот“.

Иако меѓу 12-те песни на албумот може да се најдат балади на кои сме навикнати, нејзиниот нов албум се разликува од претходните.

Таа ги комбинира звуците на поп-клавијатура со звуците на Motown, реге, афробит и денс. Но, она што најмногу се издвојува на албумот е нејзиниот полиран талент за пишување, претставен преку широк спектар на гласови што создава мрачна атмосфера.

Во песната „Love in The Dark“ таа пее за тоа како „сака да живее, а не само да преживее“. „Токму така се чувствував“. рече таа во едно интервју. „И дури кога сфатив дека дури и моите најблиски пријатели не знаеја дека сум всушност несреќна, се прашував зошто ја кријам мојата тага“.

Преку албумот, таа се обиде да одговори на прашањата на нејзиниот деветгодишен син за неговиот татко и нивниот развод. Во песната посветена на синот можеме да слушнеме и снимки од нивните разговори.

Адел може да се пофали со различноста на својата публика, која ги вклучува оние кои ја слушаат на радио, онлајн или купуваат албуми на ЦД.

Албумот „30“ веќе заработи многу позитивни критики и се очекува голем маркетиншки успех. Пејачката изјави дека албумот, без разлика како ќе помине кај публиката, ќе и биде еден од омилените. „Многу сум приврзана за овој албум, навистина го сакам“, изјави таа за „Вог“, додавајќи дека често вели дека албумот „21“, втор во нејзината кариера, повеќе не ѝ припаѓа.

„Овој албум сега им припаѓа на сите слушатели, а новиот е баш мој. Сакам да се споделам со сите, но мислам дека овој албум секогаш ќе ми остане најблиску до срцето“.

Адел ги именуваше албумите по нејзината возраст во времето кога ги сними, „19“, „21“, „25“ и „30“.

Слични содржини