Директорот на романската новинска агенција Аџерпрес, Александру Џибои, во интервју по повод 20-годишнината од работењето на МИА истакна дека една од основите во досегашната соработка меѓу двете агенции е искрената размена на искуства и ставови за развој на мас-медиумите.

Како ја оценувате досегашната соработка со МИА?

Соработката меѓу Аџерпрес и МИА секогаш била многу добра, како на ниво на двете медиумски куќи така и на управувачко ниво. Во денешницава, вмрежувањето и поврзувањето со слични професионалци е од огромна важност. Искрената размена на искуства и ставови за еволуцијата на мас-медиумите беше една од основите во досегашната соработка меѓу Аџерпрес и МИА.

Каква е, според Вас, улогата на МИА во регионот?

Секоја новинска агенција на Балканот е важна на свој начин. Во зависност од тоа како ја извршува својата работа, агенциите можат да се покажат како најдобар извор на информации за „жешки“ теми од целиот регион. МИА, како главна новинска агенција во вашата држава, има неоспорна улога во обезбедување непристрасни и професионални вести од земјата и од регионот.

Која е Вашата порака за 20-годишниот јубилеј на МИА?

Посакувам МИА да продолжи да се развива, имајќи ги секогаш предвид професионалните стандарди на новинарството. Денес, кога јавноста постојано е бомбардирана од лажни вести, новинските агенции имаат многу важна мисија да ги промовираат вистинските и непристрасни информации. Исто така, ѝ посакувам на МИА уште посреќни јубилеи во следните 20, 40, 60… 100 години!

Слични содржини