Ахмети тврди дека нема „оган“ во ДУИ, но најави бирање на ново претседателство во партијата

од Nikola Popovski

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети вечерва информираше дека партијата за десетина дена ќе одржи Централно собрание, на кое ќе се избере ново претседателство на партијата.

-Денеска имавме разговор со долгогодишнте соработници, со нив сум поминал во многу битни процеси, во многу успеси. Разговаравме и во суштина дебатата се враќа внатре во партијата. На 15 октомври ќе има Централно собрание каде ќе се разговара за политичката ситуација, но и ќе се избере новото претседателство и веднаш истиот ден новото претседателство ќе се врати во седиштот на ДУИ каде што ќе меѓу другото ќе се разговара за политичката ситуација и ќе има отчет од владиниот состав на ДУИ, изјави Ахмети на прес-конференцијата после средбата со „Огнената група“, составена од Муса Џафери, Блерим Беџети, Изет Меџити, Садула Дураку и Невзат Бејта.

Тој додаде дека ќе има отчет на владиниот состав на ДУИ.

-Нема оган, нема пламен, таквите излагања на функционерите се нормални во ДУИ. Ниту оган, ниту пламен имаше. Разговаравме и сите сме на иста страна, рече Ахмети пред новинарите.

На 24 септември медиумите првпат го објавија писмото со кое функционери на ДУИ, кои се нарекоа „Огнена група“, до раководството на партијата, побараа да запре „војната“ во партијата, а одредени функционери од извршната власт да понесат одговорност, мислејќи во прв ред на вицепремиерот Артан Груби.

Ова е втора ваква средба откако во четвртокот, на 29 септември, Ахмети имаше состаноци со ограноците од Чаир и Сарај.

Слични содржини