Ана од Кавадарци со силна порака до жените: Времето за молчење заврши!!

од Берта Китинска

Со своето сведоштво Ана, ја крена на нозе јавноста.По нејзината раскажана голгота, надлежните превземаа мерки, а останатите девојки со слично искуство се охрабрија и почнаа јавно да зборуваат.

Младата кавадарчанка за „Локално“ раскажува дека фотографијата ја добила во порака додека била на работа и дека во тој момент се почувствувала преплашено и беспомошно и не знаела што точно се случува во групата „Јавна соба“.

-За среќа тука беше еден мој пријател на кого му ја покажав и истиот ме посоветува веднаш да пријавам во полиција, објаснува таа.

Ана е 28-годишна девојка од Кавадарци, која во моментов живее и работи во Скопје. Таа вели дека има безусловна поддршка од своето семејство и дечко со кого има прекрасна врска и здрав однос.

– Откако се случи настанот само неколку дена се повлеков за да размислам што точно треба да направам бидејќи знаев дека мора нешто сериозно да се превземе, за да прекинат да се случуваат вакви непријатни и болни ситуации, раскажува Ана.

Таа во својата исповед вели дека откако почнала да добива пораки од непознати лица, случајот го пријавивл во МВР. По пријават од полицијата и било кажано дека таа е полнолетна и дека законот во нашата земја во овој случај ги заштитува само малолетниците. Како што објаснува Ана во тој момент таа се почувствувала беспомошно и незаштитено, па решила преку видео да го каже својот проблем.

-Мислам дека овој тип на проблеми беше сметан за помалку важен и дека не беше обрнато доволно внимание на тоа колку и какви последици може да имаат луѓето кога се нападнати на ваков начин. Но за жал, вистината е таква каква што ја објаснив во видеото , тоа не е само моја вистина, тоа е вистината и на многу други луѓе, така да искрено се надевам дека сега нештата ќе се сменат на подобро. Желбата за подобро утре, за поубаво општество, желбата за слобода на човекот во секоја смисла на зборот, сознанието дека сигурно многу други девојки се соочуваат со таков проблем ми беше мотивот по оваа случка да снимам видео и да ја објаснам целата ситуација, раскажува Ана.

Оваа млада девојка вели дека откако јавно проговорила за својот проблем добила огромна поддршка и позитивни коментари од луѓе кои не ги познава.

-Јас сум воодушевена од реакциите на сите луѓе околу мене, имам огромна поддршка од сите што ги познавам како и од многу други кои не ги познавам. Би сакала сите да ја сфатиме поентата на она што јас го објавив, а тоа е да не се омаловажуваме, навредуваме и исмеваме.Секој има право да го искаже својот став, но и има обврска да ги почитува останатите, раскажува оваа млада девојка.

Таа вели дека се уште ги немам отворено сите пораки кои и се упатени на Инстаграм и на Фејсбук, и дека искрено се надева дека меѓу нив има пораки од други девојки кои се соочуваат со истиот проблем, со кои сака да поразговара за да останат заедно со неа во оваа битка, затоа што тоа, како што вели Ана „Времето за молчење заврши!!“

– Мојата порака до сите девојки, жени е никогаш да не спуштаат глава, да не се обесхрабруваат, и никако да се повлекуваат во себе. Напротив, да споделат со било кој и да се изборат со она што им се случува, вели младата кавадарчанка.

Б.М

Слични содржини